Тошковски: Не сакам да шпекулирам каде е Артан Груби, важно е што има потерница по него

Не би сакал да шпекулирам, гласи одговорот на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на прашањето каде се наоѓа Артан Груби.

Локацијата на поранешниот висок владин и партиски функционер кој е во бегство, овие два дена е главна тема во јавноста, откако актуелниот вицепремиер, Изет Меџити во настап изјава на албанската ТВ станица „Ора њуз“ кажа дека Груби е во бегство во Албанија, а не во Косово.

Идентичен одговор како Тошковски денеска даде и премиерот Христијан Мицкоски. Дека „различни се информации“ и дека не сака да шпекулира во врска со тврдењата на еден од неговите заменици во Владата.

Мицкоски одговараше на новинарски прашања во Гевгелија, додека Тошковски својата воздржаност ја изнесе во гостување во Дневникот на ТВ Сител, каде на директното прашање на новинарката – „Каде е Артан Груби?“, кажа:

„Не би сакал да шпекулирам. Важно е дека е распишана меѓународна потерница по лицето коешто го посочивте. Истото имаше голем број изјави, споделени во рамките на медиумите, дека е чист како солза и дека нема сторено никакво кривично дело. Добро е ако е така, да се врати во Македонија, да се соочи со сите оние обвинувања коишто како такви ги доставивме до Јавното обвинителство, а Јавното обвинителство отвори истрага и добро е секој еден којшто е соочен пред лицето на правдата да го докаже тоа во соодветна процесна постапка“, рече Тошковски.

За него, вели, она што е важно во конкретниот случај е што службеникот на граничниот премин кој што го пуштил Груби да излезе од државата е суспендиран и против него е поднесена кривична пријава.

Прашан дали само службеникот е виновен или имало и други пропусти за кои деновиве обвинува опозицискиот СДСМ и дали на Грби некој му дојавил дека ќе биде уапсен и оти е време да бега од државата, министерот првин даде, условно кажано политички одговор, дека опозицијата имала седум-осум години да стори нешто во врска со организираниот криминал и високата корупција, но покажала дека не нити умее, нити знае, „а можеби и не сакала да стори ништо“.

На дополнително прашање во истиот контекст, Тошковски рече дека за друг тип на кривично дело во овој момент не сака да говори во детали и упати на Јавното обвинителство, посочувајќи дека МВР работи по негови наредби за целосно расчистување на случајот.

„Во однос на директната вина којашто предизвикала штетна последица да одредено лице коешто било на стоп листа не биде задржано и не бидат известени органите има кривична пријава против службеникот кој што работел во рамки на граничната полиција. Во однос на сè останато за коешто ме прашавте и кое е поврзано со одредени сомненија дека не станува збор овде за несовесно работење во службата туку дека станува збор за друг тип на кривично дело во овој момент не би сакал да говорам понатаму во детали, би ве пренасочил во рамки на јавното обвинителство, затоа што тоа е тоа по чии наредби постапуваме во насока на целосно расветлување на случајот“, кажа министерот.

„Одземени се мобилни телефони, се вршат одредени разговори итн. Во овој момент не би сакал да споделувам повеќе детали во тој контекст“, додаде тој.

Идентичен беше ставот на министерот и во врска со почесниот конзул на Косово во земјава во чие дипломатско возило и во чија придружба Груби ја напушти државата, а кој неделава беше на распит во полициска станица.

„Не би сакал да откривам повеќе детали од другиот дел од истрагата што се води по насока на Јавното обвинителство“,
рече Тошковски.

За тоа дали има други предмети што се водат против Артан Груби, со оглед дека од неодамна е ставен на „црната листа“ на САД за примање мито за влијание во застарувањето на кривични дела за трето лице, односно ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, министерот не беше конкретен. Кажа дека во МВР има огромен број предмети кои „коишто имаат одреден степен на сомнение дека понаршени фунцкионери душмански го краделе совојот народ“.

„Знам дека македонската јавноста е желна за правда, но ние мора да работиме со докази, со факти, со елементи кои треба да ги има во рамките на една процесна правда за да на крај дојдеме до резултат кој ќе биде во интерес на граѓаните, а не во спротивен интерес. Во однос на овие предмети што ги процесуиравме како МВР, следни на ред за постапување се Јавното обвинителство, а потоа судот. Во рамки на една процесна правда, секој треба да си ја работи својата работа, и пак ќе повторам, на крајот само народот е тој којшто ќе суди“, рече Тошковски.

Пронајдете не на следниве мрежи: