Новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, вети дека веднаш по преземањето на функцијата на 20 јануари следната година, ќе ја започне „најголемата операција за депортација во американската историја“. Тој најави и дека ќе предложи извесно време да не се воведува забрана за ТикТок, пренесуваат американските медиуми.
„На мојот прв ден во Овалната соба ќе потпишам историска серија извршни наредби за затворање на границата за илегалните имигранти и запирање на инвазијата на нашата земја. Истиот ден ќе ја започнеме најголемата операција за депортација во американската историја, поголема дури и од онаа што ја спроведе претседателот Двајт Ајзенхауер“, рече Трамп на конференцијата во Аризона.
Тој го назначи Том Хоман за свој „пограничен цар“ кој ќе ја води мисијата.
Задржување на ТикТок
Трамп, исто така, му се заблагодари на TикТок, чија матична компанија „ByteDance“ има рок до 19 јануари 2025 година или да ја продаде платформата или да се соочи со забрана на апликацијата за споделување видеа од Гугл и продавници за апликации на Епл во САД.
„Мислам дека ќе треба да почнеме да размислуваме за TикТок. Имавме одличен одзив со милијарди прегледи […] и беше многу убаво да се види тоа. Реков, оваа работа треба да ја задржиме уште малку“, додал новоизбраниот американски претседател.