Уапсените, како што пренесуваат српските медиуми, се во зградата на Федералната полициска управа, а околината каде биле уапсени била пребарана по што било утврдено дека девојчето не е кај нив
Три лица од околината на градот Хаџиќи во кантонот Сараево се уапсени бидејќи на социјалните мрежи тврделе дека имаат информации за исчезнувањето на двегодишното девојче од Србија, Данка Илиќ, кое е исчезнато и по него трага речиси целиот регион. Трите лица за таа информација барале 50 илјади конвертибилни марки што е околу 25 илјади евра.
„Сојузната полициска управа постапувајќи по актот на Националното централно биро на Интерпол во Белград презеде мерки и дејствија од нејзина надлежност, што резултираше со лишување од слобода на три лица на територијата на Хаџиќи, кантон Сараево“,
пренесува медиумот Н1 од БиХ.
Инспекторите од Одделот за компјутерски криминал на Федералната полициска управа лицата ги лоцирале преку ИП адреси.
Уапсените, како што пренесуваат српските медиуми, се во зградата на Федералната полициска управа, а околината каде биле уапсени била пребарана по што било утврдено дека девојчето не е кај нив. Веднаш по апсењето, трите лица, кои се членови на исто семејство, изјавиле дека „само се шегувале“.
„Малолетното девојче не е пронајдено на територијата на Хаџиќи, а кривичната истрага за лицата лишени од слобода е во тек“,
изјави сојузниот инспектор Ервин Мушиновиќ.
Потрагата по двегодишната Данка Илиќ од Србија денеска влегува во својот трет ден. Девојчето исчезнало во вторникот попладне во населбата Бањско Поле во околината на градот Бор, по што му се губи секаков траг.
По дводневната потрага, српската полиција вчера соопшти дека престанува да го пребарува теренот во приградската населба Бањско Поле кај Бор оти се укажува дека девојчето не е на тој простор, на површина од околу 10 квадратни километри.
По девојчето трагаа повеќе од 500 припадници на полицијата, спасувачи и граѓани.
И покрај прекинатата теренска потрага по Данка во Бањско Поле и околината, полицијата продолжува со интензивна оперативна работа за утврдување на сите факти и околности поврзани со исчезнувањето на детето.
Српското МВР, како што јавуваат тамошните медиуми, во неколку наврати напоменало дека сè уште не се исполнети условите за полицијата да ѝ се обрати на јавноста во врска со исчезнувањето на Данка, но дека граѓаните ќе бидат информирани за сите факти кога ќе дојде време за тоа.
Исчезнувањето на двегодишното девојче по првпат го активира системот „Најди ме“ во Србија, кој е наменет за итно известување на јавноста во случај на исчезнување на малолетно лице.
Данка Илиќ (2) има кафеава коса, кафеави очи и е висока околу 85 сантиметри. На денот на исчезнувањето носела виолетови панталони и јакна во маслинесто зелена боја.