Убиени 9 лица при руски ракетен напад во родниот град на Зеленски

Најмалку девет лица загинаа, а 29 се повредени во руски ракетен напад врз јужниот украински град Кривји Рих, соопштија локалните власти.

Украинската државна служба за итни случаи и спасувачките екипи пребаруваат низ урнатините по руски ракетен напад во јужна Украина.

Се стравува дека бројот на загинати дополнително ќе се зголемува како што продолжуваат напорите за пребарување, пренесува „BBC“

Украинското државно обвинителство соопшти дека пет деца се меѓу повредените откако беше погодена станбена зграда. Претходно четири лица беа пријавени за исчезнати.

На местото на настанот се донесени и кучиња трагачи.

Руското Министерство за одбрана не го коментираше јавно нападот врз родниот град на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Зеленски им изрази сочувство на роднините и пријателите на жртвите.

„Секој ден и секој час, рускиот терор докажува дека Украина – заедно со нејзините партнери – мора да ја зајакне воздушната одбрана“, рече тој.

На видеото објавено од украинската државна служба за вонредни состојби, се гледа како повредена жена се носи на носилки од урнатините.

Меѓувреме пожарникарите се борат со пожарите кои избија во областа по нападот.

Пронајдете не на следниве мрежи: