Лице со дебело криминално досие избегано од затвор уби невин човек само за да го ограби. Осомничениот за убиството кај „Мавровка“, од пребарувањето што го направи „Фокус“, бил осудуван неколкупати и в затвор требало да биде вкупно 14 години. Обивал автомобили, ограбувал куќи, тепал, а семејството од каде што потекнува е добро познато во полициските кругови. Но, наместо в затвор, тој бил на слобода, па за да дојде до пари, уби невин човек. Затворите остануваат хотел „промаја“, но не само за време на претходната власт, туку и сега.
Безживотно тело покриено со специјална прекривка лежи на паркингот во близина на трговскиот центар „Мавровка“ во центарот на Скопје. Оваа вест одекна во вторникот утрото на 20 август, кога во главниот град е раздвижено, особено кај овој трговски центар каде што се наоѓаат и судовите, Бит-пазар и универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Првите претпоставки беа дека станува збор за мафијашка пресметка, но како што се објавуваа нови информации, безживотното тело испраќаше порака дека „никој не е безбеден“.
Не се пресметувало скопското подземје, туку обичен средовечен човек станал жртва на бегалец од затворот „Идризово“. Ниту се познавале, ниту жртвата имала криминално минато. Педесет и осумгодишниот Васил Ефтимов тоа утро заедно со сопругата се нашол на кобното место за да завршат некои приватни обврски. Но, бил убиен со пиштол „глок“ среде бел ден. Од официјалните информации што досега се соопштени, главен протагонист во грозоморниот чин е триесет и деветгодишниот Елвин Куртовиќ, кој, наместо во затворот „Идризово“, од април годинава, бил на улица.
Извор: Фокус