Унгарија и Србија го градат најмодерниот, најголемиот, најбезбедниот и најбрзиот граничен премин во Европа, изјави шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто.
„Патниот премин Реска (Хоргош 2) е исклучително фреквентен. На сите ни се познати слики од долги колони камиони и автомобили. Не сакаме тоа да биде така во иднина“, рече тој.
Сијарто најави дека српскиот и кинескиот партнер ќе размислат како што поскоро да се изгради нафтовод меѓу Унгарија и Србија, со цел да се зголеми безбедноста на снабдувањето со енергија на двете земји и на целиот регион, пренесува МТИ.
Тој посочи дека посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Будимпешта е од историска важност и дека разговорот меѓу унгарскиот премиер Виктор Орбан и кинескиот лидер бил „исклучително успешен“.
Сијарто нагласи дека Унгарија и Кина ќе продолжат да соработуваат во развојот на врските меѓу Истокот и Западот, како и дека соработката меѓу двете земји ќе се прошири и на нуклеарната енергија.