Употреба на (Северна) Македонија – што предвидува Преспанскиот договор

  Инаугурацијата на новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска Давкова во Собранието на 12 мај предизвика бранувања за употребата на уставното име на земјата согласно Договорот од Преспа.

Ако се земат реакциите од соседна Грција, меѓународната заедница, како и ставот од Кабинетот на Сиљановска Давкова, сите се согласни за официјалната примена на уставното име, а помалку согласни за другите употреби на придавката, вклучително и употребата на придавката во однос на приватни ентитети и актери.
По укажувањата од ЕУ и Грција дека „Европскиот пат и односите со Грција зависат од спроведување на Договорот од Преспа и употребата на уставното име“ од Кабинетот на Гордана Сиљановска Давкова пристигна став дека „Претседателката ќе се придржува до официјалната примена на уставното име“, а дека „во јавни настапи има лично право на самоопределување“.

– Во своите јавни настапи, македонската претседателка има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи, и согласно европските вредности и начела. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе се придржува до официјалната примена на уставното име. Согласно Уставот, како што беше подготвена од службите на Собранието, свечената заклетва беше потпишана со користење на уставното име, се вели во соопштението од Кабинетот на Претседателката Сиљановска Давкова.
Одговор на ставот на претседателката стигна од министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетрити, кој вели дека „не се работи за прашање на самоопределување на функционерите, политичарите, ова сите го сфаќаме, туку се работи за почитување на договореното“.
-Името Република Северна Македонија во Договорот од Преспа, согласно член 20, не може под никоја околност да се измени. Прашањето за името не е од оние прашања што може да се изменат, дури ни со заемна согласност. Па така, никаде не се покренува прашање за измена. Онака како што е договорено од двете страни и е ратификувано, ги обврзува и денешниот грчки политики поредок и политичкиот поредок на Северна Македонија, објасни Герапетритис, во интервјуто за грчката телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.

Разликите околу името се дефинираат во првиот дел од Договорот од Преспа, каде Член 1, став 3 а) од Спогодбата гласи дека „Официјалното име на Втората страна ќе биде „Република Северна Македонија“, што ќе претставува уставно име на Втората страна и ќе се употребува erga omnes, како што е предвидено во оваа спогодба. Скратеното име на Втората страна ќе биде „Северна Македонија“.“, додека во истиот член 1, став 3 ѓ) гласи „Придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име на Втората страна или со нејзиното скратено име, односно „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“. Други употреби на придавката, вклучително и употребата на придавката во однос на приватни ентитети и актери, кои не се поврзани со државата и јавните ентитети, кои не се основани со закон и не добиваат финансиска поддршка од државата за активности надвор од државата, можат да бидат во согласност со член 7, став (3) и став (4). Употребата на придавката за активности може да биде во согласност со член 7, став (3) и став (4). Ова не влијае на процесот воспоставен според член1, став 3 (ж) и на постојните сложени имиња на градовите на датумот на потпишување на оваа спогодба.“
Термините „Македонија“ и „македонски“ се дефинираат во член 7 од оваа спогодба, според кој страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство – каде став 2 се однесува на Грција, а став 3 на нас.
Член 7, став 2 гласи „Во однос на Првата страна, овие термини ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден“, додека Член 7, став 3 гласи „Во однос на Втората страна, овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став (2).“

Решавањето на евентуалните спорови е регулирано во третиот дел од Спогодбата, каде Член 19, став 1 гласи „Страните сите спорови ќе ги решаваат единствено со мирољубиви средства, во согласност со Повелбата на Обедините нации.“
– Во случај една од Страните да смета дека другата Страна не дејствува во согласност со одредбите од оваа спогодба, таа Страна прво за својата загриженост ќе ја извести другата Страна и ќе се бара решение преку преговори. Доколку Страните не можат прашањето да го решат билатерално, Страните може да се согласат да побараат од генералниот секретар на Обединетите нации да ги употреби неговите добри услуги за решавање на прашањето, гласи став 2 од овој член.
Секој спор што ќе се јави меѓу Страните во однос на толкувањето или спроведувањето на оваа спогодба и кој нема да се реши во согласност со постапките наведени во член 19, став (2), може да се поведе пред Меѓународниот суд на правдата.
Договорот од Преспа беше потпишан на 17 јуни 2018 година, во малото село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското езеро од грчка страна. Договорот со кој се затвори долгогодишниот спор за името меѓу Скопје и Атина го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници.
Осум месеци по потпишувањето и откако беше ратификуван во нашето Собрание и во грчкиот Парламент, Договорот, и официјално стапи во сила  на 12 февруари 2019 година.

Пронајдете не на следниве мрежи: