Усвоени новите рестриктивни мерки за угостителските објекти

Владата ги усвои заклучоците од состанокот на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, одржан на 4.10.2020 година, со предлог мерки за спречување од ширење на коронавирусот КОВИД-19.
Во насока на намалување на ризикот од појава и ширење на КОВИД-19, Владата ги прифати ги препорача следите рестриктивни мерки на Комисијата:

• Не е дозволено гостување на пејачи/музички групи/диџеи во угостителските објекти кои послужуваат пијалаци и храна, вклучително и во ресторанскиот дел на угостителските објекти за сместување (хотели/мотели).
• Се ограничува максималното ниво на бучава во угостителските објекти на 55 децибели.
• Во Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти и во Протоколот за отворање и работа на кафетериите се ограничува дозволениот максимален број на лица на една маса на 4 лица. Во Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти, точка 6. се брише и се заменува со „максимален број на лица на една маса се ограничува на 4 лица“, а во Протоколот за отворање и работа на кафетериите се додава нова точка: „максимален број на лица на една маса се ограничува на 4 лица“.
• Комисијата укажа, а Владата прифати на стриктно почитување на точка 3. не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси како во Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти, така и во Протоколот за отворање и работа на кафетериите.
• Владата го прифати и укажувањето на Комисијата за потребата од строго почитување на забраната за работа на ноќни барови и дискотеки и потребата од преземање на ригорозни мерки од страна на надлежните институции во случај на прекршување на забраната.
Владата ја одобри и препораката на Комисијата за отворањето на училишните кујни за децата со продолжен престој со стриктно почитување на правилата за добра производствена и хигиенска пракса утврдени со Закон за безбедност на храна, како и НАССР стандардите и Протоколите за заштита од КОВИД-19, со напомена послужувањето на оброците да се реализира во училишните трпезарии водејќи сметка да не дојде до мешање на ученици од различни паралелки.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.