30 тони или 3 камиони со по десетина тони земјоделски производи извоз е направен денеска за Косово до 11 часот. Споредбено пред воведување на мерките од Косово во истиот период имало извоз на околу 100 тони земјоделски производи.
Ова го посочија од царина од каде велат дека на граничниот премин Блаце нема застој на камиони.
Министерството за земјоделство информираше дека доколку Косово не ја повлече одлуката Македонија ќе преземе мерки за заштита на домашното производство.
Од таму потенцираа дека министерот Љупчо Николовски, е во постојана комуникација со ресорните министри од регионот со цел да се реши проблемот со воведените зголемени царини од страна на Косово.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за економија испратиле и допис до ЦЕФТА, ЕУ и до Владата на Косово, во кое како што велат барале повлекување на одлуката на Косово за зголемување на царините за увозното овошје и зеленчук.
Зголемените царини стапуваат на сила од денеска а се однесуваат пред се на зеленчук и овошје.
Косово од Македонија најмногу увезува јаболки, пиперки, грозје (кое не е на листата) домати, друг вид пиперки, кромид, краставици, зелка, а само вчера поради царините не се откупени 100 тони зеленчук и овошје.