Фил Фоден е избран за играч на сезоната во Премиер лигата




Играчот од средниот ред на англиската фудбалска репрезентација и Манчестер Сити, 23-годишниот Фил Фоден е избран за најдобар играч на сезоната во Премиер лигата, објави елитната класа на англискиот фудбал.

Сезонава Фоден постигна 17 гола и забележа осум асистенции на 34 првенствени натпревари и беше еден од клучните играчи на „Граѓаните“ во ловот на четвртата последователна титула во англискиот шампионат.

Пред крајот на колото Сити има два бода повеќе од Арсенал, а во последното коло на свој тревник го пречекува Вест Хем, додека Арсенал на домашен терен ќе игра против Евертон.

„Исклучително сум горд на оваа награда“, изјави Фоден за официјалната веб-страница на Манчестер Сити. „Премиер лигата е препознаена како најдобра лига во светот и задоволство е да се биде номиниран со многу други одлични играчи кои имаа посебни сезони за своите клубови“, додаде.

Ова е петта последователна сезона во која наградата за најдобар играч ја добива член на Манчестер Сити. Ерлинг Халанд ја освои оваа награда минатата сезона, Кевин Де Брујне во 2019/20 и 2021/22, и Рубен Диас во 2020/21.

Последниот играч кој не е на Сити а ја освои наградата беше Ван Дијк од Ливерпул во 2018/19 година.

Англискиот репрезентативец Фоден, исто така, ја освои наградата за играч на годината на Здружението на фудбалските новинари (FWA) претходно овој месец.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: