Барање за приоритетно ставање на дневен ред на седница на Собранието на
Република Северна Македонија на Предлог – законот за огласување ништовност и
поништување на правните акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките
за лустрација
Почитуван г-дин Талат Џафери, Претседател на Собранието на Република Северна
Македонија,
Фондацијата Отворено општество – Македонија, Институтот за човекови права,
Хелсиншки комитет за човекови права, Македонското здружение на млади правници,
Коалицијата „Сите за правично судење“, Центарот за правни истражувања и анализи и
Институтот за европскa полтикa, членки на Блупринт групата на граѓански организации
за реформи во правосудство, доставуваат до Вас барање за приоритетно ставање на
дневен ред на седница на Собранието на Република Северна Македонија на Предлог –
законот за огласување ништовност и поништување на правните акти, дејствија, мерки
и правни последици од постапките за лустрација (Предлог-закон).
Познато е дека во извештајот на експертската група од Европската комисија (Извештајот
на Прибе) беше нагласена исполитизираноста на процесот на лустрација кој се спроведе
во државава пропратен со непостоење на независна комисија за лустрација.
Експертската група сугерираше до власта да размисли за целосно повлекување и
ревизија на лустрацијата. Како последица на политичката волја, беше востановена
потреба од воспоставување правна основа за поништување на правните акти, дејствија,
мерки и правни последици од постапките за лустрација во Стратегијата за реформи на
правосудниот сектор (2017-2022) со рок за реализација до декември 2017 год.
Дополнително, граѓанските организации кои се членки на Блупринт групата за реформи
во правосудството во изминатите 3 години реагираа поради непостоење на правен
механизам за укинување на правните последици од процесот на лустрација кој беше во функција за прогон на политичките неистомисленици со тогашната власт, и бараа
донесување на законско решение за поништување на лустрацијата пред
самораспуштањето на Собранието во февруари оваа година.
Оттука, поради заштита на правата на лустрираните и нивните семејства и
минимизирање на последиците и штетите кои ги трпеа, како и заради заштитата на
нивниот личен интегритет и достоинство повторно потенцираме дека е неопходно итно
донесување, а потоа и спроведување на Предлог – законот за огласување ништовност
и поништување на правните акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките
за лустрација.
Со почит,
Во име на Блупринт групата на граѓански организации за реформи во правосудство,
Фани Каранфилова-Пановска, Извршна директорка
Фондација Отворено општество – Македонија