Високите лимени огради околу Универзалната сала се сè уште таму, а зад нив не може многу да се види. Она што се забележува е челичната конструкција на куполата која беше поставена неодамна, само две недели пред избивањето на пожарот. Таа на Универзалната сала ѝ го дава специфичниот изглед по кој е препознатлива и без која, по пожарот, најверојатно не би го имала истиот лик. Но, освен металната конструкција на врвот на објектот, под неа, барем во делот на куполата, не е останато многу
Трет ден по големиот пожар што ја зафати Универзалната сала во Скопје и минималниот број новости околу околностите за инцидентот познати оттогаш, беа причина за екипата на „360 степени“ од прва рака да провери во каква состојба е и што се случува со објектот, кој меѓу скопјани е неретко познат како симбол на солидарноста.
Метеж и раздвиженост по булеварот „Партизански одреди“ – адресата на која е лоцирана Универзалната сала – беа забележливи утринава околу 10 часот. Сликата на Универзална, пак, не беше многу поразлична од онаа на која скопјани се беа навикнале години наназад, кога првично започна процесот за нејзина реконструкција.
Високите лимени огради околу објектот се сè уште таму, а зад нив не може многу да се види.
Она што се забележува е челичната конструкција на куполата која беше поставена неодамна, само две недели пред избивањето на пожарот. Таа на Универзалната сала ѝ го дава специфичниот изглед по кој е препознатлива и без која, по пожарот, најверојатно не би го имала истиот лик.
Но, освен металната конструкција на врвот на објектот, под неа, барем во делот на куполата, не е останато многу. Во пожарот, како што на денот на инцидентот изјави Лазар Арсовски, сопственикот на фирмата „Универзал Балкан“ која ја реконструира салата, пеплосана е старата конструкција.
Обиколката на салата ни даде попрецизна слика за нејзината моментална состојба. Од една од нејзините бочни страни јасно се гледаат остатоците од објектот кои ги преживеаја пламените јазици.
Во кругот на Универзалната сала, зад лимените огради, претпладнево беше релативно тивко и празно. На терен пресретнавме само еден работник кој, кога му се приближивме, сакајќи да добиеме информација што точно се случува во салата во моментов, се упати и влезе во својот автомобил.
Во текот на обиколката пресретнавме и жители од населбата и вработени во околните објекти кои имале прилика одблизу да посведочат на пожарот што пред три дена проголта дел од Универзалната сала.
„Пожарот беше страшен, многу брзо се рашири и во рок од пет минути сè гореше. Се разбегавме сите од канцеларија, се вознемиривме. Не можеше да се работи после тоа дента. Жалосно за Универзалната сала, жалосно за трудот вложен во реновирањето, споменот што изгоре и сите моменти што нѐ врзуваат за неа како стари скопјани“,
рече за „360 степени“ жена која работи во објект непосредно до Универзалната сала.
Постара госпоѓа на која наидовме, пак, евоцираше спомени за Универзалната сала од некои минати времиња.
„Јас сум стара скопјанка и сè ме врзува за Универзалната сала. Во времето беше прва класа. Имам роднина од Белград, балерина, која велеше: ‘Поубава сцена за балет нема од неа’. Сега се други времиња можеби, но сметам дека треба да се обнови. Мислам може и од темели да се обнови, но да остане тоа емоционалното чувство дека повторно е тука за сите потреби на градот“,
рече таа.
Ова, помалку или повеќе, беше генералната слика која ја затекнавме во околината на Универзалната сала три дена по големиот пожар што избувна во вторникот изутрина. Но, освен од терен, во обид да дознаеме што се случува со Универзалната сала неколку дена по инцидентот, се обративме до дел од надлежните институции.
Прашањата дали е завршен увидот во Универзалната сала и дали е наредено дополнително вештачење во оваа фаза, ги испративме до Јавното обвинителствто. Оттаму до овој момент нема официјален одговор на нашите прашања. Но, во кус телефонски разговор, од Обвинителството велат оти увидот е сè уште во тек и дека во овој момент не може да дадат дополнителни информации во врска со случајот.
Во Министерството за култура прашавме дали е познато колкава е материјалната штета предизвикана од пожарот и што ќе биде преземено доколку се утврди дека дел од новата конструкција е оштетена од пламените јазици. Ниту оттаму, до моментот на објавување на овој текст, одговор не пристигна.
Она што е познато е дека, како што изјави вчера министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, реконструкцијата на Универзалната сала ќе продолжи веднаш по завршувањето на истрагата околу пожарот.
Во Министерството за култура, кое инаку времено ја презема надлежноста над Универзалната сала од Градот Скопје, денеска се одржа брифинг со новинари, чија главна тема беше опожарувањето на овој објект.
На брифингот, меѓу другото, се обрати и Лазар Арсовски, сопственик на фирмата „Универзал Балкан“, која работи на реконструкцијата на салата. Како и на денот на инцидентот, и денеска кажа дека во пожарот била зафатена старата конструкција, односно градежните материјали кои требало да бидат извадени од објектот. Според Арсовски, гореле старите материјали како дрвени иверки, стар челик, стар алуминиум.
Пожарот во Универзалната сала изби во вторникот, нешто пред 10 часот. Сликата на опожарениот објект кој претставува симбол на постземјотресно Скопје ја гледаа десетици граѓани од околината, а фотографии и видеа од пожарот масовно се споделуваа и на социјалните мрежи. Пожарот беше локализиран за релативно кратко време.
Во инцидентот немаше жртви, ниту повредени, но како последица на вдишување на густиот чад, две жени од околните згради беа пренесени на Клиниката за токсикологија. На распит во полициска станица во текот на денот беа повикани и тројца градежни работници кои во моментот на избувнување на пожарот биле во салата.