Четврти ден дивее пожарот на Шар Планина над селото Селце. Наспроти информациите на МВР дека пожарот е локализиран, од Националниот парк „Шар Планина“ велат дека пожарот не е локализиран и дека сè уште се шири.
Од Националниот парк ги повикаа локалните жители да излезат и да помогнат во гаснењето на огнот. Објавија фотографии на кои се гледа дека потегот над селото и натаму чади.
Велат дека ваква била состојбата во 18 часот денеска.
„Пожарот над село Селце не е локализиран, напротив, тој е и проширен. Четири дена гаснење од страна на ренџерската служба на ЈУНП ‘Шар Планина’ за жал не вродија со плод, иако денес добивме поддршка и од воздухопловните сили на МВР кои исфрлија седум ведра вода, а на терен излезе и пожарната единица од Тетово, ова е состојбата со пожариштето во 18:00 часот“,
велат од Националниот парк.
Од НП „Шар Планина“ проценуваат дека поради неповолните временски услови состојбата дополнително ќе се влоши.
„Ги повикуваме жителите на село Селце да излезат и да ги бранат своите имоти. Уште еднаш потсетуваме дека палење оган е неодговорно однесување и без исклучоци резултира со катастрофи. Напорите за локализирање на пожарот продолжуваат“,
додаваат тие.
Од МВР во 17 часот соопштија дека Одделот за воздухопловни единици на МВР го упатил хеликоптерот „М171“ од Хеликоптерската единица за посебни намени, при што исфрлени се 20 тони вода, а пожарот кај Селце е локализиран.