Франција, Германија и Италија бараат одложување на одлуката за прием на Косово во Советот на Европа



Франција, на која и се приклучија Германија и Италија, бара да се одложи одлуката за кандидатурата на Косово за членство во Советот на Европа на мајскиот состанок на Комитетот на министри, пишува тирански Албаниан Пост, повикувајќи се на дипломатски извори.

Според истите извори, утре во Стразбур се очекува последната средба на амбасадорите на земјите членки пред состанокот на министрите на кој се очекува да биде донесена долгоочекуваната одлука за Косово, пренесува Бета.

Како што дознава Албаниан Пост, се очекува утре на дневен ред на мајскиот министерски состанок амбасадорите на земјите членки на Советот на Европа да не го вклучат прашањето за членството на Косово.

Според порталот, иако германската позиција досега не беше јасна, сега се чини јасно дека и Германија зазеде став дека владата на премиерот Албин Курти мора да преземе конкретни чекори во однос на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО) за да добие членство во Советот на Европа.

Франција, Германија и Италија веќе се на став дека членството на Косово во Советот на Европа треба да се одложи до моментот кога Владата на Косово ќе ја докаже својата посветеност на спроведувањето на ЗСО со испраќањето на нацрт-статутот до Уставниот суд.

Во написот се додава, дека ваквиот пристап не е поддржан од Обединетото Кралство, според кое прашањето за ЗСО како производ на бриселските преговори не треба да се меша со прашањето за членство во Советот на Европа.

Сепак, и покрај политичката реторика на косовската Влада, која постојано го нагласуваше фактот дека Косово ги исполни сите услови потребни за прием во Советот на Европа, дури и според мислењето подготвено од Дора Бакојани, земјите со одлучувачко влијание како Франција и Италија одамна го информираа Курти дека почетокот на значајни чекори кон имплементација на договорот за ЗСО е непремостлив услов за членство на Косово во Советот на Европа.

Во меѓувреме, Германската амбасада во Приштина денеска соопшти дека е време Владата на Косово да ги убеди земјите членки на Советот на Европа дека заслужува прием во таа меѓународна организација, преземајќи конкретни чекори кон создавање ЗСО. Германската амбасада соопшти дека Квинта групата и другите континуирано нагласуваат дека очекуваат Косово да преземе опипливи чекори за формирање на ЗСО, за да се постигне неопходното двотретинско мнозинство во Комитетот на министри на СЕ, пренесоа приштинските медиуми.

Реакција денеска пристигна и од Амбасадата на Франција во Косово, која соопшти дека со испраќање на нацрт-статутот на ЗСО до Уставниот суд, Косово ќе добие поддршка за прием во Советот на Европа. Во одговор на прашање поставено од kohe.net, од амбасадата велат дека овој нацрт-статут е најдобрата основа што се нуди за формирање на ЗСО.

„Испраќањето на нацрт-статутот на ЗСО на евалуација до Уставниот суд се споменува како еден од јасните чекори што Косово мора да ги преземе за да обезбеди поддршка во Советот на Европа, но премиерот Курти изјави дека Косово не го прифаќа тој план како одвоен од целокупниот план (Брисел и Охрид). Испраќањето на нацрт-статутот до Уставниот суд на евалуација би бил добредојден чекор за да се обезбеди поддршка за членството на Косово во Советот на Европа, се наведува во одговорот на амбасадата.

Состанокот на Комитетот на министри за надворешни работи на СЕ, кој ќе се одржи во средината на мај, е последниот чекор кон конечното членство на Косово во оваа организација, што беше препорачано од Парламентарното собрание на СЕ врз основа на усвоениот извештај на  известувачката Дора Бакојани.

Засега се уште не е сигурно дали гласањето за препораките на ПССЕ и приемот на Косово ќе се најдат на дневен ред на Комитетот на министри на 16 и 17 мај. 

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: