– Исмаил Ханије, шефот на политичката канцеларија на Хамас, вчера изјави дека палестинската група за отпорот е отворена за формирање влада на национално единство која ќе управува со Појасот Газа и со Западниот Брег.
„Отворени сме за сите национални компоненти, демократски да ја обновиме нашата национална референца под закрила на Палестинската ослободителна организација, со одобрување на национална влада за Западен Брег и Појасот Газа“, изјави Ханије во видеопорака.
„Газа нема да доживее хаос или политички вакуум додека не се постигне договор за формирање влада на национално единство што ќе управува со Појасот Газа и со Западниот Брег“ рече Ханије.
Појасот Газа и Западниот Брег политички се поделени од 2007 година откако Хамас ја презеде контролата над палестинската енклава по судирите со силите на палестинската управа.
Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, е против враќањето на палестинската управа од Рамала во Појасот Газа по моменталната борба што се одвива во палестинската енклава.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, станбените објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.
На 24 ноември, во 7:00 часот по локално време, стапи на сила четиридневната хуманитарна пауза договорена меѓу Хамас и Израел, која потоа беше продолжена за уште три дена.
На 1 декември, по завршувањето на хуманитарната пауза, израелската војска продолжи со своите интензивни напади низ Појасот Газа.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 22.185 Палестинци, главно жени и деца, а ранети се повеќе од 57.035 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Во израелските бомбардирања од воздух, копно и море животот го загубија повеќе од 8.800 деца и над 6.300 жени.
Околу 60 % од инфраструктурата во Појасот Газа е оштетена или уништена, а околу 2 милиони луѓе се раселени во густо населената палестинска енклава поради недостатокот на храна и чиста вода.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.