На синот на американскиот претседател, Хантер може да му биде изречена максимална казна од 25 години затвор, откако е прогласен за виновен по три точки од обвинението. Но, може и да се соочи и со казна и до 750 000 долари. Сепак, како што пишуваат американските медиуми, веројатно е дека ќе добие помала казна од максималната, бидејќи ова му е прв прекршок
Синот на американскиот претседател Џо Бајден, Хантер е прогласен за виновен по три обвиненија за нелегално купување и поседување на оружје, додека бил зависник од дрога, пренесува Си-ен-ен.
Ова е првпат член на потесното семејство на Бајден да биде прогласен за виновен за кривично дело за време на неговиот претседателски мандат, иако овие дела неговиот син Хантер ги извршил пред тој воопшто да стане претседател на САД.
Хантер е прогласен за виновен по сите три обвиненија, како што пренесува Би-би-си, откако поротата расправала околу три часа.
Првата точка од обвинението е за давање лажна изјава за набавка на огнено оружје, втората е за давање лажна изјава за прибавување на записник и третата е за недозволено поседување огнено оружје.
За време на судењето, делатно е опишана неговата злоупотреба на дрога преку СМС пораки и преку неговите мемоари, но и преку сведочење на неговите поранешни партнерки.
На Хантер може да му биде изречена максимална казна од 25 години затвор, откако е прогласен за виновен по три точки од обвинението. Но, може и да се соочи и со казна и до 750 000 долари. Сепак, како што пишуваат американските медиуми, веројатно е дека ќе добие помала казна од максималната, бидејќи ова му е прв прекршок.
Судијата соопштил дека изрекувањето на казната е закажано за 120 дена по изрекувањето на пресудата.
Американскиот претседател Џо Бајден претходно изјави дека нема да го помилува својот син Хантер, во случај да биде осуден.
Обвинителите тврдат дека Хантер лажел кога купил револвер марка „колт кобра“ во октомври 2018 година, велејќи дека не е корисник или зависник од дрога.
Хантер Бајден се изјасни дека не е виновен по обвиненијата за кривично дело. Неговиот адвокат Абе Лоуел им кажа на поротниците дека неговиот клиент не се обидува да ги измами, бидејќи во времето кога го купил пиштолот не бил корисник на дрога.
Приватниот живот на Хантер Бајден, како и неговите професионални и бизнис зделки постојано се предмет на жестоки контроверзи и дискусии. Неговата борба со зависноста од тешки дроги и алкохол се документирани и датираат од времето кога работел во неговата сопствена фирма.
Хантер Бајден не сведочеше на судењето, кое се одржа во родниот град на Бајден, Вилмингтон, Делавер.
Неговиот брат Бо Бајден почина во 2015 година од тумор на мозокот. Во 2017 година Хантер се развел од Кетлин Бајден, а истата година се појавија вести дека Хантер Бајден бил во романтична врска со Хали Бајден, вдовицата на Бо Бајден.
Минатиот месец Доналд Трамп стана првиот поранешен американски претседател кој беше осуден за кривично дело.
Демократите го посочија овој случај, како доказ дека претседателот Џо Бајден не го користи правосудниот систем за политички придобивки.