Хашим Тачи може да оди каде сака и не му треба дозвола

Винченцо Грацо, портпаролот на меѓународните сили на Косово – КФОР, изјави дека косовскиот претседател Хашим Тачи може да го посети секое место во земјата и дека за тоа не му треба никаква дозвола од никого, јавува дописникот на МИА од Приштина.
Оваа изјава тој ја даде по повод неодамнешната посета на Тачи на езерото Газивода, на границата со Србија, што предизвика остри реакции од страна на официјален Белград. Српскиот претседател Александар Вучиќ дури нареди подигнување на борбената готовност на Војската на Србија.
– Ние потврдуваме дека немаше никаки инциденти, никакво апсење, никаква воена операција и никаков напад од кого било. Тачи го посети тоа подрачје и во текот на посетата беше следен од тимот за заштита на значајни личности во рамките на косовската полиција, изјави Грацо за сајтот „Демостат“.
Грацо потврди дека КФОР не бил претходно информиран за посетата, но нагласи дека „господин Тачи, како највисок косовски институционален лидер, е слободен да се движи каде било низ Косово“.
– Косовската полиција не мора да праша никого за каква било дозвола за да оди на северот на Косово, така што тие не прекршија никакво правило, рече Грацо додавајќи дека ситуацијата во Косово е мирна и под контрола, и дека КФОР ги повикува сите страни да ги намалат тензиите на најниско ниво.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.