Херцог во посета на Бахреин и ОАЕ

– Претседателот на Израел, Исак Херцог денеска отпатува во посета на израелските сојузници во Персиски Залив, Бахреин и Обединети Арапски Емирати (ОАЕ).

Тоа е прва посета на израелски претседател на Бахреин. Израел со Бахреин и со ОАЕ воспостави односи во 2020 година.

– Уште еден историски чекор во односите меѓу Израел и арапските држави кои го потпишаа Абрахамскиот договор со надеж дека сè повеќе земји ќе можат да се приклучат во кругот на мирот со државата Израел, истакна Херцог.

По пристигнувањето во Манама, тој ќе се сретне со министерот за надворешни работи на Бахреин, Абдул Латиф Рашид ал Зајани, а потоа во палатата Ал Кудаибија со кралот Хамад бин Иса ал-Калифа.

Попладне тој ќе разговара со членовите на локалната еврејска заедница и ќе учествува на состанокот на Управата за економски развој на Бахреин.

В понеделник тој ќе отпатува за Абу Даби за да се сретне со својот колега од Емирати, Мохамед бин Зајед ал-Нахјан. Херцог ќе присуствува и на Форум за политика за истражување на вселената.

Пред неговата посета, демонстрантите во Бахреин извикуваа „Смрт за Израел“. Израелските медиуми наведуваат дека тие се поврзани со опозициски групи кои го поддржуваат Иран.

Некои носеа транспаренти со слика на Херцог на кои пишуваше „Криминалец“ и „Не си добредојден во Бахреин“, го запалија израелското знаме и се судрија со полицијата.

Локалните власти ги дозволија тие протести, но ги забранија при посетата на израелскиот претседател. 


Пронајдете не на следниве мрежи: