Црн чад се изви од оџакот неодамна поставен на покривот на Сикстинската капела во Ватикан во вторникот навечер, што означува дека, како и што се претпоставуваше новиот 266-ти поглавар на Римокатоличката црква не е избран на првиот ден од конклавите.
Кардиналите електори, гласањето ќе го продолжат во среда претпладне, во вториот и третиот круг, и доколку биде потребно, а исто така реално е да се очекува, уште двапати попладнето, во четвртиот и петтиот круг од гласањето. Доколку папата не биде избран ниту тогаш, гласањето ќе продолжи во четврток по истиот распоред, двапати наутро и двапати попладне.
Според очекувањата, во средата, но многу е веројатно и во четвртокот, вниманието на јавноста ќе биде насочена на оџакот на покривот од Сикстинската капела, од каде ќе се очекува веста дали е избран новиот папа. Иако кардиналите гласаат четири пати на ден, ливчињата, доколку нема избор, не се согоруваат на крајот од секое гласање, туку еднаш на крајот од претпладневниот турнус гласање и еднаш на крајот од попладневниот.
Во практиката тоа значи дека сé додека новиот папа не биде избран, двапати на ден, чадот од оџакот на Сикстинската капела ќе го означува исходот од гласањето околу 12 и околу 19 часот. Меѓутоа, доколку биде избран новиот папа, белиот чад од оџакот ќе може да се види дури и порано, околу 10.30 или 16.30 часот, доколку некој од кардиналите добие двотретинско мнозинство во првиот претпладневен или првиот попладневен круг од гласањето. Тогаш ливчињата се запалуваат веднаш.
Во модерната историја на папството имало неколку случаи кога било тешко да се утврди резултатот од гласањето според бојата на чадот. Па така, при изборот на Бенедикт Шеснаесетти во 2005 година, чадот беше сивкаст што ги збуни новинарите и масата што ги следеше конклавите, па покрај „белиот” чад изборот го потврди и биењето на камбаните. Така и сега, за да биде отстранет секој сомнеж, изборот ќе го проследи и биењето на камбаните од базиликата на Свети Петар.
Право на глас имаат 117 кардинали, но двајца се откажаа од доаѓањето во Рим, па во Сикстинската капела зад затворени врати гласаат 115 кардинали. Просечната возраст на кардиналите електори изнесува 71 година, а 67 од нив беа именувани од папата кој се повлече Бенедикт Шеснаесетти.
За изборот на новиот папа потребна е двотретинска поддршка, односно во овој случај гласовите од 77 кардинали електори. Шеесетина кардинали електори доаѓаат од европските земји од кои 28 се од Италија, 19 од земјите од Латинска Америка, 14 од Северна Америка, 11 се од Африка, десет од азиските земји и еден од Океанија.
Во XX век се одржани осум конклaви, а само во три случаи траеле подолго од три дена. Најкуси биле конклавите во 1939 година кога Еуџениот Пацели (папата Пие Дванаесетти) бил избран веќе во третиот круг од гласањето. Албино Лучиано или Јован Павле Први и Јозеф Ратцингер – Бенедикт Шеснаесетти беа избрани во четвртиот круг од гласањето. На третиот ден од конклавите се избрани Џовани Батиста Монтини (Павле Шести) во шестиот круг а Карол Војтила или Јован Павле Втори во осмиот круг од гласањето.
Според италијанските медиуми, како најголеми фаворити во конклавите влегуваат миланскиот надбискуп Анџело Скола и бразилскиот кардинал Одило Педро Шерер, надбискупот на Сао Паоло, најголемата дијецеза во земјата со најголем број католици светот.
Доколку биде избран Скола, папството по 35 години повторно ќе се врати во Италија, откако се` до папата Јован Павле Втори, 455 години на чело на Ватикан беа Италијанци. Изборот, на Шерер, пак, би значело дека има неевропски папа првпат во 1.300 години.
Како први можни компромисни кандидати најмногу се споменуваат канадскиот кардинал Марк Уеле, префектот на Конгрегацијата за бискупи. Најголеми фаворит на јавноста е бостонскиот надбискуп Шон Патрик О'Мајли, единствениот франевец капуцин во целиот кардиналски совет, кој убедливо го освои првото место во анкетата на читателите на миланскиот дневен весник Corriele della Sera.
Макфакс
Црн чад се изви од оџакот неодамна поставен на покривот на Сикстинската капела во Ватикан во в