Цуцуловски: Во една ноќ

Loading...
„ВО ЕДНА НОЌ… “
Сѐ е по старо. Единствено што новото старо е нешто полошо од претходното старо. Другото е сѐ по старо. Во таква ситуација, нема што да коментирам, освен да се повторувам во коментарите. Затоа, за денес, одлучив да објавам мала одломка од романот „Роман во една ноќ.“ Денес и така ќе биде врнежливо и можеби некој ќе го прочита кусиот извадок. Романот го пишував во текот на летото 2010 година. Објавен е наредната година, од издавачката куќа „ВИГ Зеница“, Скопје. Ако во романот препознаете некои денешни ситуации, тој не е виновен за тоа. Оскар Вајлд можеби неслучајно сметал дека уметноста не ја имитира стварноста, туку дека стварноста ја имитира уметноста.
„Сонуваше како се движи по некој непознат колски пат. Под сенката на еден разгранат орев, покрај кого минуваше мал поток, од двете страни обраснат со густа, свежа трева, забележа како се одмара некој туѓинец. Всушност, и обајцата, едниот за другиот, беа туѓинци. Гледајќи во него, непознатиот го праша:
– Од каде доаѓаш, човеку?
– Од Никаде, господине. – одговори Макенецот
– А каде е тоа, човеку? – продолжи со своите прашања туѓинецот.
– Макенија, господине.
– Такво нешто никогаш не постоело, ниту ќе постои, човеку! – строго забележи непознатиот.
Оваа забелешка на непознатиот, која сигурно не беше направена случајно, силно го возбуди и тој, сиот во пот, се разбуди. Погледа околу себе и сфати дека и понатаму се наоѓа во кругот на манастирот. Ноќта и натаму беше тивка, и ништо помалку топла, макар што до утрото имаше само неколку часа. Во главата и натаму му одѕвонуваше безмилосната забелешка (која, можеби, беше еднаква на констатација?) на непознатиот што го сони во сонот: ‘Такво нешто никогаш не постоело, ниту ќе постои, човеку!’
‘Такво нешто, како Макенија, никогаш не постоело, ниту ќе постои?’ – зачудено и по малку исплашено се прашуваше Макенецот. Зарем такво нешто е можно? Зарем и ова негово враќање во Макенија е само еден сон и ништо повеќе од сон. Тоа Макенецот не можеше да го прифати. Еве го, седи на макенска почва, го гледа манастирот од своето детство, а непознатиот од сонот најбезмилосно му рече: ‘Такво нешто никогаш не постоело, ниту ќе постои, човеку!’
Значи ли тоа дека и самиот тој никогаш не постоел; дека бил само некаква фатаморгана, нешто фантомско, непостоечко? Ако е така, тогаш следува дека никогаш и не се родил. Во тој случај, што е со неговото детство, со неговата младост, со неговите гимназиски денови? Ако не се родил, тогаш и тие не постоеле. Понатаму, се прашуваше, што е со неговите сеќавања?
И тие ли не постојат? Ако не постојат, тогаш како се сеќава на нив, на своите сеќавања? Ако никогаш не биле, во тој случај на што се сеќава? Да, токму така, на што се сеќава? И сеќавајќи, сеедно дали лажно или не, зарем на тој начин не потврдува дека сепак е; дека, и покрај сè, сепак постои? Понатаму, што е со караулата и со оние соништа од кои не може да побегне и по толку изминати децении? Што е со неговата мајка и нејзината притаена тага, кога со денови и денови седеше покрај прозорецот со солзи во очите и по образите, мислејќи дека никој не ја гледа? Што е со нејзиниот гроб, зарем и гробот го нема? Зарем и нејзините коски ги нема? Можно ли е сè, ама баш сè, да е само една илузија? Дури и тој самиот да е илузија?
Ако е така, тогаш како е можно да мисли, да се движи, да говори, да биде макар и во илузија? Можеби е така на истиот начин како што беше во сонот за неговото обезглавување, во онаа бесмислена војна – и обезглавен тој стоеше исправено на нозете, налик на античка фигура. Притоа, дури и говореше, прашуваше, се грижеше…
Дали се работи за сон во сон? Овој одговор не можеше да го прифати. Меѓутоа, ако добро се размисли, и таа варијанта е можна. Можно е дури и да биде сон во сон, и двата сместени во некој трет сон. Но, кој и да е сон по ред – трет, четврт, петти… – мора да постои некој кој сонува, мора да постои сонувачот. Значи, тој сепак е, тој постои! Според тоа, и Макенија постои.“
* * * * Следете не на Фејсбук. * * * * Имаме интересни содржини секој ден, сите не се објавуваат на сајтот!!
loading...