Чавушоглу во турскиот главен град Анкара се состана со министерот за надворешни работи на Шведска, Тобијас Билстром, со кого по средбата одржа заедничка прес-конференција.
Шефот на турската дипломатија рече дека ги забележале направените чекори и дадените пораки од страна на Шведска во рамки на трилатералниот Меморандум меѓу Турција, Шведска и Финска. Тој нагласи дека во новата година во сила ќе стапат уставните и законските измени.
Турскиот министер ги оцени како позитивни изјавите дека Шведска ги укинала ограничувањата кои се донесени за производите од одбранбената индустрија.
Чавушоглу се осврна и на прашањето во врска со лицата поврзани со тероризам.
„Особено беа важни изјавите на мојот колега со кои се дистанцираат од терористичката организација ПЈД/ЈПГ. Исто така, во нашата земја го екстрадираа и лицето поврзано со ПКК. Ова се чекори кои се направени во праведна насока. Но не е постигнат конкретен напредок за одредени прашања, како екстрадицијата на лицата поврзани со тероризмот и замрзнувањето на имотите на терористите. Веќе истакнавме дека ја поздравуваме екстрадицијата на лицето кое не се наоѓаше на нашата листа“, рече Чавушоглу.
Турскиот министер потсети дека барањето на Турција за екстрадирање на припадникот на терористичката организација ФЕТО (Булент Кенеш) е одбиено од страна на Врховниот суд на Шведска.
„Ова е многу негативен случај. Наше природно очекување е да се направат дополнителни чекори врз основа на трилатералниот Меморандум во врска со екстрадицијата на лицата поврзани со тероризам. Ова се обврски на Шведска и Финска кои произлегуваат од овој меморандум“, додаде Чавушоглу.
Шефот на турската дипломатија рече дека Шведска продолжува да биде привлечна за припадниците на ФЕТО, со мислење дека „ако одат таму, нема да бидат екстрадирани, ќе живеат удобно и нема да одговараат за злосторствата кои ги извршиле“.