Шолц: Германија ќе продолжи внимателно да го разгледува испраќањето оружје во Украина

– Германија ќе продолжи „многу внимателно да го мери секој чекор“ и да се консултира со своите сојузници за понатамошна испорака на оружје за Украина, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц, под зголемен притисок да одобри испорака на тенковите од германско производство до Киев.

Германија ѝ даде на Украина значителна воена помош за време на руската инвазија, вклучувајќи хаубици, противвоздушно оружје и првиот од четирите ракетни системи земја-воздух IRIS-t.

Минатата недела Германија најави дека ќе испрати 40 оклопни транспортери Мардер, слично како и САД и Франција, како и противвоздушен систем Патриот.

Но, критичарите во германската владејачка коалиција долго време се жалат поради, како што ја нарекуваат, двоумењето на Шолц да го преземе следниот чекор и да почне да испраќа потешко оружје.

Шолц е претпазлив и инсистира на тоа дека Германија нема да оди сама со ваквите испораки и посочува дека е неопходно да се осигура дека НАТО нема да стане учесник во војната со Русија.

Одлуката за испраќање на оклопните возила Мардер ги охрабри домашните поддржувачи да испратат потешки главни борбени тенкови Леопард 2. Притисоци има и од странство. Полскиот претседател во средата изјави дека неговата земја сака да испрати 14 тенкови Леопард во Украина, но дека тоа ќе биде можно само како дел од пошироката меѓународна помош во тенкови.

На Варшава исто така ќе и треба германско одобрение за да испрати оружје од германско производство.

На прашањето дали Германија е подготвена да испорача тенкови Леопард на Украина, Шолц не одговори конкретно, но наведе долга листа на опрема што Германија ја испорача во координација со нејзините сојузници и рече дека Берлин ќе ја задржи водечката позиција како една од главните земји кои го поддржуваат Киев.

Тој, исто така, рече дека нема намера да брза околу сериозните прашања што се однесуваат на мирот и војната, безбедноста на Германија и Европа.

– Секогаш делуваме во тесна консултација и внимателно го мериме секој чекор, рече Шолц, додавајќи дека мнозинството германски граѓани го поддржуваат „смиреното и внимателно, добро промислено“ одлучување на неговата влада.


Пронајдете не на следниве мрежи: