ШПИОНАЖА, УБИСТВО СО УМИСЛА, ШВЕРЦ И РАЗВРАТ СО СИЛУВАЊЕ, ОРГАНИЗАЦИЈАТА КАЗНУВАЛА СО СМРТ

Блаже Миневски Според студија на академик Александар Христов, објавена во Скопје во 1951 година во тираж од 3.000 примероци, Внатрешната македонска револуционерна организација уште во самиот почеток на борбата вложувала големи напори да ги парализира турските судови, а прашањето на судовите било едно од најважните сегменти во процесот на негирање на турската администрација и создавање свои органи на власт и правосудство. Во изворните документи од тоа време има докази дека ВМРО, паралелно со формирањето на првите чети, започнала и со организирање на своите револуционерни правосудни органи. Всушност, револуционерната организација морала да води решавачка борба против секакви појави на предавство, жестоко казнувајќи ја соработката со окупаторските власти. Освен тоа биле преземени и мерки за искоренување на лошите традиции и обичаи кај македонскиот народ – пијанството, комарот и другите пороци. За регулирање на овие и други прашања, како, на пример, определувањето каматна стапка, надници на момоците и слично, пишува Христов, Организацијата носела одлуки чие извршување било гарантирано со казнени санкции.
 
Смртната казна се извршува од чета или специјално определен човек „Револуционерното судство на ВМРО најпрво е доверено на војводата. Тој суди за сите кривични дела, решава одделни спорови и донесува пресуди. При вршењето на правосудните функции, војводата не постапува според некои утврдени процесни правни начела но сепак е должен да води доказна постапка, односно да собира и да ги проверува доказите и да врши извидување. Откако ќе ги собере фактите, а народот учествува и во собирање на фактите и во самиот судски процес, донесените пресуди од страна на војводата народот ги прима како правични и се почесто се обраќа кон него за решавање на спорови настанати меѓу населението. Притоа, војводата, вршејќи правосудни функции, во разгледувањето на судските дела, внесува постепено и извесен ред-процедура, а наскоро ЦK на ВМРО донесува и одредба во која е утврдено двостепено рагледување на делата. Kога ќе се исцрпат сите можности за утврдување и докажување на делото, смртната казна, ако биде донесена, се извршува од страна на четата или за таа цел определени лица. За да се добие поголема гаранција за праведноста на донесените и извршените смртни пресуди, од страна на ЦK на ВМРО е донесено решение-наредба со кое се предвидува смртната казна да може да се извршува само откако донесената пресуда ќе биде потврдена-одобрена од Окружниот револуционерен комитет, односно, во определени случаи, од самиот Централен комитет на ВМРО. По правило секоја смртна казна му се соопштувала на народот на јавни собири. Доколку тоа не можело да се направи, тогаш, обично, при донесувањето на пресудите се повикувале поголем број селани од блиските села на местото каде што се води судскиот процес, и во нивно присуство се донесува пресудата. Оваа процесна форма е практикувана особено при донесувањето на пресуди за извесни народни непријатели, шпиони и злосторници. Притоа раволуционерните органи на правосудството децидно настојуваат во секој конкретен случај на разгледување кривично дело да се пронајде материјалната вистина. Во извесни случаи, како што се гледа од многубројните изворни материјали, кога нема доволно докази против обвинетиот, тој е ослободуван од секаква одговорност“, пишува академик Христов во студијата за судовите на ВМРО.
Револуционерните судови работеле во состав од три до пет члена Судските органи на ВМРО разгледувале многубројни кривични дела, а меѓу нив, со особена внимание, кривичните дела шпионажа, предавство и слично. Раволуционерните судови, исто така, разгледувале и разни граѓански спорови помеѓу селаните, помеѓу сиромашните и богатите, селаните и турските власти и слично: „Голем број пресуди судските органи на Организацијата донесувале и по кривични пријави, поднесени од страна на поединци, како, на пример, кражби, навреда на чест, пијанство, блудство и слично. Според многубројните документи, судовите на ВМРО донесувале и многубројни пресуди по бракоразводни дела. Притоа, ваквиот обемен опфат на судски дела се должи на големата распространетост на Организацијата меѓу народот. Бидејќи кон крајот на 1900 година, ВМРО успева да создаде широка мрежа револуционерни комитети во Македонија, а во секој комитет или како што тие уште се викаат „управителни тела“, веднаш се формираат и таканаречени судски групи, односно судски комисии или судски оддели, кои имаат определени судски функции. Во составот на судските групи, односно судските комисии, учествуваат определен број на револуционерни комитети, а членовите се избираат истовремено со изборот на членовите на комитетите. Според тоа, во втората фаза од развојот на судските органи, почнува да се применува и начелото на изборност. Револуционерните судови судат во состав од три до пет члена. Мемоарските и други документи од тоа време потврдуваат дека разгледувањето на судските предмети и спорови е една од важните функции на Организацијата. Војводата, покрај своите организационо-агитациски работи, кои мора да ги врши на теренот, задолжен е и за определени судски функции. Имено, во првите неколку години на дваесеттиот век се изградува цел систем на казни, а најтешка казна е смртната казна. Вакви казни судовите изречуваат во сите тешки случаи на издавање тајни на Организацијата, предавање чети на турската власт, потоа за блудство со Турчин или Турчинка, а во некои случаи и за извршена кражба. По својата тежина, односно како втора казна по смртната, е казната со тепање и глоба. Парична казна се одредувала за помали дела. Еден дел од досудената глоба се внесува во општата каса на Организацијата а другиот дел му се предава на оштетеното лице. Една од најблагите казни е предупредувањето, кое може да биде јавно или „насамо“, а потоа доаѓа казната сменување од должност или испраќање во друг реон на помала должност. Во мемоарите и другите документи се среќаваат следните облици на „поблаги“ казни: испраќање во четата на каење и поправка, разобличување и изложување на осудениот на потсмев пред јавноста, забрана на осудениот да излегува од својата куќа за определено време, бојкот со забрана да се купува што и да е од неговиот дуќан, ако е трговец, и слично. И во востаничкиот таканаречен дисциплинарен устав, донесен на Смилевскиот конгрес во 1903 година, биле утврдени неколку степени на кривични дела и казни: смртна казна, разобличување пред четата, обезоружување, префрлање во друга чета, укор, сменување од должност и слично. Смртната казна можела да биде извршена со стрелање или со бесење, а се изрекува во случај на предавство на татковината извршена од востаник. Kазна се применува и над војводата кој ќе се предаде на непријателот сам или со четата. Kазната разобличување пред четата се изрекува во случај востаникот да се покаже плашливец, а тој се обезоружува ако истрела напразно куршум. Во случај востаникот да не се потчинува на војводата, „смилевскиот законик“ предвидува казна префрлање во друга чета“, пишува академик Александар Христов во студијата за системот на правосудство во дејствување на ВМРО. Шверцерите се казнувале со смрт и одземање на запленетата стока И во годините што следуваат, особено по поделбата на Македонија, прашањето на судовите продолжува да биде едно од најважните револуционерни активности во процесот на негирање на окупациската администрација и создавање свои, македонски револуционерни органи на власт и правосудство. По балканските војни, но и по Првата светска војна, кога Тодор Александров станува практично лидер на Организацијата, судењата и судските процеси остануваат составен дел на револуционерната борба. Во јуни 1921 година, на пример, ЦK на ВМРО до сите околиски комитетски, селски одбори и нелегални групи на Организацијата, испраќа инструкции за дејствување на теренот. Строго доверливото писмо почнува со дефинирање на „Автономна Македонија, независна од балканските држави“, а следниот пасус се однесува на средствата кои ќе се користат за да се стигне до автономија, односно „создавање тајна, моќна, недофатлива револуционерна организација, неранлива за непријателите и поробувачите на Македонија, која ќе работи на сите можни начини за постигнување на Автономна Македонија.“ Во инструкциите во врска со борбата за Автономна Македонија се објаснуваат главните приниципи на дејствување на Организацијата, а во делот за судот и казните се предвидуваат судски органи кои ќе ги казнуваат „сите огрешени селани и месни раководни сили за грешки и за престапи од организациски карактер, за предавства, за разбојништва, за одбивање да се пренесе писмо, за неизвршување на организациона работа итн. Според начелата на Организацијата, казните за вакви и слични дела се движат од укор, ќотек од 20 стапа, глоба од 5 лири или динари, драхми, левови – еднакви на пет турски златни лири, преку ќотек од 20 до 50 стапа, глоба до 10 лири или динари, драхми, левови – еднакви на десет турски златни лири за покрупни или за повторени грешки и прекршувања на законот до смртни пресуди за докажани престапи – предавство, убиство на невин човек, разбојништво и разврат со силување. Само две години подоцна Централниот комитет на ВМРО испраќа тајно циркуларно писмо до раководителите на окрузите на ВМРО со „две таблици за казните кои организациските судови може да ги применуваат врз огрешените организациони членови и раководни лица, но и врз престапниците надвор од Организацијата“. Во таблиците, за илегалните дејци – четници и војводи, се предвидуваат: опомена на само и пред другарите, преместување во друга револуционерна околија или округ, разоружување, прогонство надвор од границите на Македонија и смрт. Истите казни се применуваат и за легалните дејци – началници на чети, на милиции и раководители на околии и окрузи. Во образложенијата на казните стои објаснувањето дека „ќотек се применува само за оние што не се разбираат од збор и кои не би можеле да се подобрат со некоја од другите видови казна“, а „смртна казна се наредува секогаш од страна на суд со пресуда, потврдена од член на Централниот комитет, од раководителите на окрузите или од нивните специјални полномошници“. Во овој своевиден „казнен законик“ на Организацијата биле предвидени и санкција за „навредливи зборови, пцости и подигрувања“. Со потпис на Тодор Александров е и Таблицата со пропишани казни за разни видови престапи и прекршувања на организационите наредби. Таблицата содржи 18 глави и секоја глави има по неколку параграфи кои ги прецизирааат постапките и соодветните казни за секој степен од делата што се извршени. Првиот член гласи: „Шпионство или издавање тајни на организацијата на противници се казнува со смрт“. Вториот член е за извршено убиство, а делото е поделено на три степени: убиство со умисла, убиство со умисла, но без користољубие и убиство извршено при неизбежна самоодбрана. За убиство со умисла казната е смрт, за убиство со умисла, без користољубие, казната е од 10 до 50 стапа ќотек или глоба од 500 до 50.000 лева, или двете заедно, а за убиство во самоодбрана, ако се докаже дека е „неизбежна самоодбрана“, обвинетиот се ослободува. Мошне тешки казни се превидени за разбојнишптво. За ова дело престапникот се казнува со смрт. Ако во меѓувреме успеал да избега или ако се крие повеќе од 10 дена по престапот – му се запалува куќата и семејството му се прогонува надвор од границите на Македонија. Шверцот исто така се казнува со смрт но и со конфискација на запленетата стока во полза на Организацијата. Ригорозни се и казните предвидени за кражба, изнудување, мито или палеж на имот за лична одмазда. Ваквите кривични дела се казнуваат со ќотек до 50 стапа, или со глоба до 50.000 лева, или и двете заедно. Притоа ограбеното му се враќа на стопанот, земениот поткуп се конфискува во полза на Организацијата, а штетите од пожарот ги плаќа престапникот. Според истиот „кривичен законик“ на ВМРО, донесен пред деведесет и четири годни, секој што ќе бил фатен да се бори со оружје в рака против Организацијата се казнувал со смрт без одлагање и без олеснителни околности. Смртна казна била превидена и за оние што ќе работат на пропаганда за расцепување на Организацијата. Доколку активен член на Организацијата заспие на стража, а притоа има жртви или голема материјална штета како резултат на неговото неодговорно однесување, смртната казна е единствена предвидена казна. За сите казни, освен смртната казна, според оваа Таблица на ВМРО, казната се дуплира ако се повтори делото, но за оние кои по третпат ќе направат исто дело, казната е смрт. Притоа, значи во случај по третпат да направат исто или слично дело, обвинетите се изведуваат пред суд определен од раководителот на округот или околијата. Во краен случај, „смртната казна може да се замени со друга, полесна, само ако осуденото лице влева доверба и ако се нафати со ризик на својот живот да изврши, во определен рок, некоја акција од голема полза за делото или во заштита на поробеното население“.
СУДЕЛЕ И ЗА МЕЃИ, НАСЛЕДСТВО… Македонската револуционерна организацијата имала и свои судови за таканаречена дела од неорганизационен карактер, како што се спорови за наследство, за меѓи и други приватни тужби кои се разгледувале од арбитражни, помиритилени комисии од по две до три лица, предложени од секоја страна заинтересирана во спорот. Во вакви случаи четата што дејствувала на соодветниот реон ги извршувала само решенијата на тие комисии или, како што стои во овој своевиден кривичен и парничен закон, на четите „најстрого им се забранува да се занимаваат или самите да решаваат такви приватни дела.“ Во секој случај, сите вакви дела мора да бидат докажани пред судски одбор.
 Во изворните документи од тоа време има докази дека ВМРО, паралелно со формирањето на првите чети, започнала и со организирање на своите револуцион

Пронајдете не на следниве мрежи: