Еден од најпопуларните парови во регионот, Јелена и Новак Ѓоковиќ, се запознале во 2005 година преку заеднички пријател, додека Новак сè уште не бил планетарно популарен.
Двајцата се горди родители на синот Стефан и ќерката Тара, а Јелена во повеќе наврати зборувала за родителството. Таа, имено, смета дека и родителите и децата секојдневно учат едни од други и дека во тој однос никој не е совршен.
„Децата не се разгалуваат доколку имаат јасни граници. Ние како родители сме толку изгубени и не сме добро поставени во ова општество. Не умееме да воспоставиме граници. Не знаеме кои сме, за да им помогнеме на децата. Не постои совршен родител ниту совршено дете. Има голем простор за учење. За сето ова треба искрено да зборуваме“, рече Јелена своевремено во утринската програма на „Nova S“.
Таа потоа додала дека материјалниот статус не влијае на емоционалната состојба и истакнала дека секој родител во одредени ситуации се соочува со конфликтни емоции.
„Не е грев да не знаете и да бидете збунети. Тоа се секојдневни состојби на секој родител, без оглед дали е богат или сиромашен. Парите не се она што диктира кој живее подобро, во смисла дека сите ние сме луѓе кои емотивно ги проживуваме сите ситуации. Ние сега знаеме дека детето мора емоционално да се развие за да може паметно да одговори на сите општествени предизвици. Ние како родители сме преполни со конфликтни емоции. Како родители ги сакаме нашите деца, но истовремено нè излудуваат“, изјавила Јелена во споменатата емисија.
Таа инаку неодамна зборувала и за тоа што ѝ замерува Новак кога станува збор за воспитувањето на децата.
„Мојот син сака да сложува Лего коцки и да слуша музика, додека со татко му сака да игра тенис и да гледа натпревари, кои можеби не ѝ се омилени на мама. Сакам да танцувам со ќерка ми, таа сака да се шминка, додека јас не го сакам тоа. Но, морам да ја почитувам нејзината слобода на изразување преку тој вид уметност. Имав ситуација со сопругот каде тој критикуваше зошто не ѝ забранувам да се шминка, со аргумент дека е уште млада и дека ја учиме на погрешни работи. На тоа му одговорив дека таа го сака тоа и дека не можам ништо да ѝ забранам, туку само да ѝ помогнам да го прави тоа подобро“, изјави неодамна сопругата на Новак за хрватските медиуми.