Стотици милиони луѓе во светот вечер во семејна атмосфера, во домовите ќе ја испратат 2020 и ќе ја пречекаат Новата 2021 година. Годинава кај нас и во целиот свет поради состојбата со КОВИД-19 ќе изостанат прославите на плоштадите, во туристичките центри, во кафеани, ресторани, пабови…
Многу земји преземаа мерки на претпазливост, воведоа рестриктивни мерки и забрани. Надлежните во земјава апелираа граѓаните да бидат совесни, да не се групираат за претстојните празници, да ги почитуваат мерките и препораките. Да мислат на сопственото здравје и на здравјето на своите најблиски.
Поради пандемијата од коронавирусот, оваа година светнувањето на новогодишната елка на плоштадот „Македонија“ беше симболично, а на настанот присуствуваше градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов. Со тоа се означи почетокот на новогодишните празнувања во Скопје.
Градоначалникот Шилегов на сите свои сограѓани им упати честитка за Новата 2021 година и им посака среќа, благосостојба, здравје за нив и за нивните најмили и им порача да ја пречекаат во кругот на нивните најблиски. Упати и апел до своите сограѓани да останат дома со семејствата, да ја почувствувааат уште еднаш убавината на домот и да го направат тоа за нив и за нивните најсакани.
– Да ја пребродиме заедно уште оваа криза за да можеме заеднички да прославуваме и пречекуваме уште многу нови години полни со радост и среќа, порача Шилегов во честитката.
Под слоганот „Чао 2020“, ќе има специјална новогодишната програма со концерти, диџеи, готвење, смеење, поезија и со по некој поздрав и честитка од публиката на МКЦ. Програмата ќе се емитува на 31 декември 2020 со почеток во 20 часот на фејсбук-страната на МКЦ, на нивниот јутјуб-канал и премиерно на локалната скопска телевизија Едо.
Во рамки на шестчасовната програма од студиото на МКЦ ќе настапат: Funk Shui, Стојче со диџеј сет од Берлин, диџеј Фиц со специјален микс топла музика од Порто, Александар Велики, Дина Јашари, Васко Атанасоски, Суперхикс, Rush To Relax или Дамјан Маневски од Љубљана, Atheist Rap со специјален биенален настап за МКЦ од Нови Сад… Покрај музичките настапи, со специјален готвачки сет ќе настапи и Никола Исаиловски.