Македонскиот шоумен и мултиталентиран уметник Игор Џамбазов и врвната планинарка и сестрана спортистка Илина Арсова се во љубовна романса која достигнува кулминација. Жешките летни денови вљубените осаменици решија да ги минат на некое помирно и попријатно место кога се пеколните горештини во прашање, па „гулапчињата“ ја одбраа Мијачијата. Прекрасната дивина на реканскиот крај, недопрената природа и нејзините убавини се како создадени за она што двајацата вљубени ги прави среќни.
И додека Џамбазов најмногу визуелно ужива во убавините на природата на село Јанче и околината, каде што се лоцирани, Илина верна на своите спортски навики и начинот на здрав живот, не ги пропушта своите физички активности.
Ако денот по утрото се познава, секое утро заго започнува со гимнастика. За онаа пред станување не знаеме, па нема да коментираме, ама она што се знае и гледа, не изгледа нималку лесно да се изведе, зашто Илина мома е вистинска Спартанка.
Како и секое, така и тоа предилинденско утро таа станала рано, па денот решила да го започне со вежби – „стој на раце“… Или поточно, склекови, во такава позиција, свртена наопаку, со нозете нагоре, кревајќи се горе-долу само на мускулите од рацета со сета тежина на телото. Можеби некому му изгледа лесно, ама оние што разбираат, знаат колку таа вежба е тешко и мачно да се изведе.
Џамбаз пак, пустиот љубопитен да види одблизу како тоа изгледа, да ѕирне како тоа се прави, како се изведува и пријде на дамата преблизу, на „непрописно“ и небезбедно растојание во желба да го овековечи моментот… И го овековечи! Сопствениот нокаут!
Нејзиното „стој на раце“ заврши со клоца во глава на љубопитниот Џамбазов! Зашто така свртена наопаку, Илина немала добра перцепција колку далеку од неа е „љубопитниот снимател“, а и не очекувала дека „ќе ја пикне главата каде што не му е местото“ и утринската вежба за малку ќе завршеше со хаварија!
Или поточно заврши, ама за среќа со незначителни последици… Се разбира по љубопитниот љубовник, кој беше „нокаутиран во еден потег“ со еден шут во глава – на нејќење! За утеха, „шутираниот“ доби едно: „Извини злато“!