Ќе обединувам и ќе ги претставувам сите граѓани подеднакво

Кандидатката за претседател Гордана Силјановска-Давкова на митингот што вечерва се одржа во скопската населба Кисела Вода рече дека ако биде избрана за шеф на државата, нема да прави разлика меѓу граѓаните по ниту една основа – партиска, етничка, верска или социјална, туку ќе ги обединува и ќе ги претставува сите подеднакво.

Таа потенцираше дека Македонија сака да биде дел од европското семејство каде историски, географски и културно припаѓа, но само доколку се почитува нејзината различност, како што се почитуваат различностите на членките на Европската Унија и на другите кандидати за членство.

Доаѓа времето на умните и мудри жени, порача Силјановска-Давкова.

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

„Ако сите вие во Европа велите дека Уставот е највнатрешната работа, тогаш ве молиме да имате разбирање и за нашиот Устав зашто тој е закон над законите. Немаме ништо против уставни измени со кои ќе се гарантираат европските стандарди во сите области ама ве молиме, немојте да прифаќате диктати од соседи што се спротвни на европските вредости и на европското уставно право, бидејќи ние ќе го браниме европското уставно право. Не можам едно да им предавам на студентитите за европското уставно право, а друго да правам во реалноста“,

рече Силјановска – Давкова.

Таа уште еднаш повтори дека е против претседателот да се бира во Собранието. Тоа ја потсетува на социјализмот и комунизмот кога партијата кажувала кој на кое место ќе биде назначен.

„Ако претседателот се бира во Собранието, ни се заканува опасност сите власти да бидат на едно место и за тоа кој ќе биде на која функција да не се одлучува транспарентно, туку надвор од Парламентот, а се овозможува и пазарите да бидат во игра, без притоа да се бираат најдобрите“,

посочи таа.

Силјановска-Давкова претходно, придружувана од партиското раководство на ВМРО-ДПМНЕ, беше и во општините Петровец и Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: