Ќе се бара интерпелација на Илире Даути ако не го стави на дневен ред законот за бранителите

ВМРО-ДПМНЕ инсистира да продолжи заглавената процедура за измени на Законот за бранителите. Пратеничката Марија Митева денеска на прес-конференција во Собранието ги повика пратениците од СДСМ кои се членови на собраниската Комисија за труд и социјала да се потпишат на барањето до комисиската претседателка Илире Даути од Европскиот фронт да го стави законот на дневен ред.

– Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Твоја Македонија кои се членови на Комисијата за социјална политика, демографија и млади ги повикаа пратениците од СДС од истата комисија да се потпишат на барање до г-ѓа Илире Даути за свикување на седница на Комисијата со точка на дневен ред – Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Р. Македонија и на членовите на нивните семејства, по скратена постапка кој е поднесен и е предлог на пратеничката Славјанка Петровска. Ова барање е јавно предложено до пратеничката Славјанка и очекуваме одговор дали пратениците на СДС ќе се потпишат на истото и дали доколку претседателката на комисијата Илире Даути не свика седница ќе поднесат барање за нејзино разрешување или интерпелација – рече Митева.

Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ ќе почека одговор до денеска до 15.30 часот, додаде Митева.

– Ја користам оваа прилика уште еднаш да ја повикам пратеничката Славјанка јавно да го соопшти ставот на СДС по однос на овој предлог. Во спротивно, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поднесат ова барање без поддршка и потписи од пратениците на СДС, со што практично ќе се види нивната вистинска намера за политизирање – рече Митева.

Предлогот за измени на овој закон пред десетина дена предизвика многу политички реакции и меѓусебни обвинувања помеѓу партиите од власта и од опозицијата, како и во македонскиот блок и во албанскиот блок.

Пронајдете не на следниве мрежи: