Без разлика дали за тоа ќе се договорат партиите претседателот на Собранието, Талат Џафери нема да закаже седница за законот за СЈО за време на предизборна кампања. На брифинг со новинарите Џафери рече дека постои формална можност во тој период да се закаже седница, но дека тоа нема да го стори, затоа што се покажало дека на такви седници пратениците тераат предизборна кампања. Законот за Јавно обвинителство е дел од реформските закони кои ЕУ ги бара од земјата. Џафери тврди дека нема да се задоцни со носењето на реформските закони, затоа што заради изборите за Европскиот Парламент и Извештајот на ЕУ за земјава малку ќе доцни.
Откако ќе завршат изборите, на кои се надева дека ќе има нов претседател, Џафери вели дека на седница ќе ги стави реформските закони на кои претседателот Ѓорге Иванов не стави потписи. Тие закони ќе чекаат потпис од новиот претседател, за да бидат објавени во Службен весник. А, ако не се избере претседател ни во вториот круг, тогаш не се исклучува можноста тој да ги потпише законите, затоа што во тој случај тој ќе биде вршител на должноста Претседател.