Иако официјалните податоци говорат дека британскиот поп пејач Џорџ Мајкл починал од природна смрт, неговото момче Фади Фаваз открива дека тој самиот си го одземал животот.
Џорџ Мајкл почина во својот дом на 54-годишна возраст, на 25 декември 2016 година. Британската полиција веднаш соопшти дека немало никакви сомнителни околности за неговата смрт, а во март 2017 година беше соопштено дека славниот пејач починал поради проблеми со срцето и масна дегенерација на црниот дроб.
– Уморен сум од луѓето кои ме прашуваат што се случи тој Божик. Па, да ви кажам… Џорџ почина на роденденот на својата мајка… Освен тоа, тој претходно петпати се обиде да се убие. Мислам дека тоа е важно да се знае, вели Фади во допис до медиумите.
Мајката на пејачот, Лесли Харисон е родена на 24 декември 1938, а починала од рак во 1997 година. Фади е тој што утрото на 25 декември минатата година го пронајде Мајкл мртов во својот кревет.