Австралија денеска регистрираше рекордно висока зимска температура, при што живата достигна 41,6 степени Целзиусови на дел од северозападниот брег.
Со тоа беше соборен претходниот рекорд за 0,4 степени Целзиусови.
Метеоролошкото биро соопшти дека мерењето е направено во воен објект за обука во Јампи Саунд во 15:37 часот по локално време.
Мерењето претставува „најтопла августовска температура на која било локација во Австралија“ и „нов рекорд на максимална температура во цела Австралија за кој било зимски месец“, изјави портпаролот на Бирото за метеорологија.
Официјалните податоци покажуваат дека просечните температури во Австралија постојано се зголемуваат, а климатските промени предизвикуваат поинтензивни пожари, поплави, суши и топлотни бранови.
Додека рекордот „привремено е потврден“, научниците сè уште мораат да се уверат дека мерењето не е резултат на некоја локална аномалија или дефект на инструментот пред да биде официјално внесен во книгите на рекорди.
Претходниот рекорд од 41,2 степени беше поставен во август 2020 година во блискиот Вест Робук.
Антиподната зима трае од почетокот на јуни до крајот на август.
Околу 18 проценти од Австралија е пустина, а топлината е вообичаена во текот на целата година далеку од умерените зони.
Климата на Австралија е под големо влијание на три циклични климатски обрасци: промените во температурите во Индискиот Океан; промените во појасот на ветрови што се движат помеѓу Австралија и Антарктикот – таканаречениот јужен ануларен режим – и промените во пацифичките временски обрасци познати како Ел Нињо и Ла Ниња.
Се верува дека сите три главни австралиски појави што влијаат на климата се погодени од климатските промени предизвикани од човечки фактори, според истражување на австралиската Организација за научни и индустриски истражувања на Комонвелтот, поддржано од државата.
Метеоролошкото биро верува дека „комбинацијата на (овие) големи климатски влијанија со глобалното затоплување“ придонела зимата 2023 година да стане најтопла зима во Австралија во историјата.
Климатските научници веќе предвидоа дека 2024 година ќе биде најтоплата година на Земјата во историјата.
Од јануари до јули, глобалните температури беа 0,7 степени над просекот за периодот 1991-2020, според податоците на Коперникус службата на Европската Унија за климатски промени.
Температурните рекорди се соборуваат низ целиот свет во последните децении како што емисиите на јаглерод предизвикани од човечки фактори растат.
Само во последните неколку недели беа регистрирани рекордни температури во Средоземното Море, на норвешкиот арктички архипелаг Свалбард и главниот град на Украина, Киев.