Јужноафриканското министерство за транспорт соопштило дека преживеало само едно осумгодишно дете, кое било пренесено во болница со сериозни повреди
Автобус со 46 патници излетал од мост во Јужна Африка, паднал во провалија и се запалил, пренесува „Гардијан“. Загинале 45 од нив, а преживеало само едно осумгодишно дете. Јужноафриканското министерство за транспорт соопштило дека детето било пренесено во болница со сериозни повреди.
Автобусот патувал од соседна Боцвана кон градот Морија во северниот дел на земјата. Паднал од мост што поврзува два рида близу планината Маматлакала во северната провинција Лимпопо, околу 300 километри северно од градот Јоханесбург.
„Се претпоставува дека возачот загубил контрола, се удрил во оградата на мостот, и поради тоа автобусот се превртел, удрил во земјата и се запалил“,
се вели во соопштението од министерството за транспорт.
A crash on the R518, near Mokopane, is feared to have claimed the lives of multiple passengers after a bus careened off a cliff on Thursday evening. https://t.co/yWp2IMzIMs
— News24 🇿🇦 (@News24) March 28, 2024
Екипи за извлекување работеле до доцна во денот. Како што пишува „Гардијан“, некои тела биле изгорени до непрепознатливост, други затрупани под автобусот, а трети расфрлани во околината.
Локалните власти соопштиле дека автобусот имал регистарски таблички од Боцвана, но се уште се истражува чии државјани биле настраданите патници.
Министерката за транспорт на Јужна Африка, Синдисиве Чикунга, отпатувала на местото на несреќата и ветила дека ќе се спроведе целосна истрага за причините.
Иако Јужна Африка има една од најразвиените патни мрежи на африканскиот континент, сепак има една од најлошите стапки на безбедност во собраќајот во светот, пишува британскиот медиум.
Само неколку часа пред несреќата, претседателот Сирил Рамафоса им порачал на граѓаните да внимаваат како возат додека патуваат за време на велигденската недела.
„Да го направиме овој Велигден безбеден. Велигден не мора да биде време кога ги чекаме статистиките за трагедии и за повреди на нашите патишта“,
рекол Рамафоса.