Агелер: Ние, САД не сме дел од ЕУ, но многу би сакале Македонија да ја видиме таму

Aмбасадорката на Соединетите Американски Држави ,Ангела Агелер пред предавањето за студентите на Универзитетот на Југоисточна Европа, немаше коментар на новинарските прашања за почнатите истраги и обвиненија кои се поведени против двајцата македонски функционери откако нејзината земја ги стави на т.н црна листа како осомничени за корупција.

На 9 декември, Стејт департментот јавно ги назначи Артан Груби и Енвер Беџети за нивна вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков. Два дена подоцна Обвинителството отвори предмет за двајцата поради обвинувањата за трговија со влијание и значителна корупција.

„Не можам. Јас не сум дел од ниту еден од внатрешните истражни процеси во оваа земја“, рече Агелер на прашањето дали може да ја коментира истрагата што започна по ставањето на двајцата функционери на „црната листа“ на Стејт Департментот.

На новинарското прашање дали ќе помогнат САД за прашањето меѓу Македонија и Бугарија, Агелер рече дека ќе го повтори веќе искажаниот став.

„Ние не сме дел од ЕУ. И затоа ние не сме дел од многу од тие дискусии. Но, ќе го кажам она што го кажавме претходно во Вашингтон и овде во Скопје, а исто така и мојот пријател во Софија, нашиот амбасадор Мартин таму, многу би сакале да ја видиме Македонија во Европската Унија и се надеваме дека нивните дискусии ќе бидат успешни и плодни. Затоа што просперитетната, успешната, сигурната иднина на оваа земја е во рамките на Европската Унија. Таа е во срцето на Европа. И затоа таму припаѓа“, рече Агелер.

Пронајдете не на следниве мрежи: