Адвокатски тим про боно ќе ја застапува осомничената за двојното убиство во Кратово

36-годишната В.И., која на 13-ти овој месец со нож ги усмрти сопругот и свекорот во нивната семејна куќа во Кратово доби правна помош од адвокатска канцеларија која ќе ја застапува про боно во случајот и на судскиот процес.

-Сe работи за многу ситна жена која сè уште има траги од критичниот ден. Сметам дека ниедно семејство не треба да го помине ова што го помина обвинетата и нејзините малолетни дечиња. Ни претстои долга правна битка, вели за „Телма“ адвокатот Христијан Георгиевски.

Тој и неговиот адвокатски тим веќе поднеле жалба да се замени мерката 30-дневен притвор.

Адвокатската канцеларија од полицијата во Скопје, Куманово и Кратово, како и од центрите за социјална работа побарале комплетна документација за сите досега поднесени пријави од осомничената како и против неа.

Дури и неколку соседи веќе се пријавиле како сведоци, а адвокатскиот тим не открива дали е побарано психијатриско вештачење и дали во моментот на кривичното дело таа била физички нападната и од свекорот.

Платформата за родова еднаквост веќе реагираше на одлуката на Основното јавно обвинителство Куманово да започне постапка против 36-годишната В.И. од Кратово, која е жртва на семејно насилство.

-Сметаме дека во конкретниов случај станува збор за акт на самоодбрана, односно, за институтот нужна одбрана, а не за сторено кривично дело „убиство со умисла“, како што тврди Јавното обвинителство во своето соопштение. Крајно парадоксално е што жртвата на семејно насилство сега е гонета од Јавното обвинителство како извршителка на семејно насилство, реагираа од Платформата за родова еднаквост.

Јавно обвинителство Куманово во своето соопштение за настанот веќе потврди дека на двојното убиство му претходело семејно насилство врз осомничената за убиство.

„При вршење семејно насилство на 13 јуни, осомничената со умисла ги лишила од живот сопругот и свекорот. По претходна вербална расправија, сопругот физички ја нападнал осомничената, удирајќи ја со тупаници во пределот на главата и телото, а потоа со рацете ја фатил за вратот и почнал да ја дави. Таа успеала да се тргне и од кујната зела кујнски нож со кој најпрвин го прободела сопругот, а потоа и неговиот татко. Од повредите тие починале на лице место“, соопшти ОЈО Куманово.

Таа е осомничена дека сторила кривичнo делo – Убиство од член 123 став 3 во врска со став 2 точка 2 од Кривичниот законик.

Инаку, осомничената во 2011 година стапува во брак и се сели во Кратово кај сопругот со кого има две малолетни деца. Физичките и психички тортури почнуваат по раѓањето на двете деца, и често насилството се случувало пред нивните очи.

Пронајдете не на следниве мрежи: