Пратеникот на ДУИ, Арбер Адеми, реагираше на премиерот Христијан Мицкоски и неговата изјава насочена кон екс-министерот и негов сопартиец, Бујар Османи.
„Обично не реагирам на секоја политичка изјава, но овој пат, морам. Кога премиерот зборува со толку суров јазик, со клевети, религиозни алузии, тоа не е само политичка дебата. Тоа е намерно ескалирање на тензиите. И тоа е многу опасно.
Нема ништо храбро во она што го прави. Постои само страв, страв од неуспех, страв од вистината, страв од иднината. Кога не можете да се соочите со реалноста, почнувате да го измислувате „непријателот“. И како и секогаш, непријателот мора да биде Албанец“, објави Адеми.
Пратеникот во својата објава додава: „Јас сум Албанец, јас сум дел од оваа држава и немам намера да молчам“.
„Оваа земја не им припаѓа на оние што пцујат, ниту на оние што делат. Оваа земја им припаѓа на сите. И нема да дозволиме никој да ни ја одземе“, напиша тој.
Османи, преку социјалните мрежи реагираше на денешните обвинувања од премиерот. Мицкоски го обвини Османи дека со поддршката на францускиот предлог наводно му нанесол „нож во грбот“ на македонскиот идентитет, што, како што рече, нема да му биде заборавено.
Во својот одговор, Османи го критикуваше премиерот за поткопување на внатрешната стабилност на земјата и промовирање на омраза и меѓуетничка нетолеранција, наместо да работи на зајакнување на единството и соживотот меѓу народите. Тој призна дека имаат различни политички ставови и дека не се согласуваат околу европскиот пат, но потенцира дека Мицкоски ја преминал границата на политичка пристојност со навреди и обвинувања.