„Ако ми кажат дека не можам да ги гледам повеќе децата – ќе се самоубијам“: Протече шокантна аудио снимка од Мајкл Џексон (фото)

Новата документарна серија носи претходно необјавени аудио снимки од Мајкл Џексон, во кои кралот на поп-музиката слободно зборува за својата блискост со децата и признава колку таквата врска му предизвикала сериозни проблеми во текот на животот.

Со децении, Џексон беше една од највлијателните, но и најконтроверзните личности во светот на музиката. Неговата кариера беше обележана со глобален успех, но и со постојани сомневања и обвинувања што длабоко ја поделија јавноста.

Обвинувања, хуманитарна работа и поделено наследство

Во текот на својот живот, Мајкл Џексон постојано беше критикуван од јавноста за она што многумина го сметаа за несоодветни врски со деца. Тој се соочи со сериозни обвинувања за сексуална злоупотреба , од кои повеќето успеа да ги оспори на суд, но тие трајно влијаеја на неговиот углед.

Во исто време, тој беше познат по големите хуманитарни акции, донации и помош за децата и болните низ целиот свет. Токму оваа контрастна слика – помеѓу добротвор и обвинет уметник – го направи една од најсложените фигури во историјата на популарната култура.

Вознемирувачки аудио снимки

Извршниот продуцент на документарецот, Том Анстис, вели дека снимките даваат редок, интимен увид во психолошкиот и емоционалниот свет на Мајкл Џексон. На нив, може да се чуе како пејачот вели: „Децата сакаат да ме допрат и да ме прегрнат. Се заљубуваат во мојата личност. Понекогаш тоа ми предизвикува сериозни проблеми“.

Една изјава особено предизвика силни реакции од јавноста: „Ако некој ми кажеше сега: „Мајкл, никогаш повеќе не смееш да видиш дете … би се самоубил. “

Реакции на изворот и нови прашања

Неименуван извор кој имал пристап до снимката ја опишал како исклучително непријатна и морничава.

„Постои нешто длабоко необично во опсесијата на Мајкл Џексон со деца, особено оние кои не се негови. Неговиот глас во контекст на обвинувањата што го следат покренува многу прашања за неговите мотиви и ментална состојба“, тврди изворот.

Испитување кое го следи целата планета

Пред 21 година, Џексон беше во центарот на четиримесечно судење кое го следеше целиот свет. Потоа 13-годишниот Гевин Арвизо го обвини дека го опијанал, му покажувал порнографска содржина и сексуално го злоставувал. На крајот од судењето, Мајкл Џексон беше ослободен од сите обвиненија.

Документарна серија на Канал 4

Документарната серија од четири дела, која ќе се емитува на британскиот Канал 4, најавува подлабок и посмирен пристап кон случајот, подалеку од медиумската хистерија што следеше по судењето. Серијата се занимава со пошироките теми за славата, расните односи и функционирањето на правосудниот систем во Соединетите Американски Држави. Гледачите ќе имаат можност да слушнат ексклузивни аудио снимки , како и сведоштва од луѓе од околината на Џексон и полицијата.

Меѓу соговорниците е и неговиот поранешен ПР агент Винсент Амен, кој тврди дека во одредени моменти имало прикривање со цел да се заштити угледот на поп-ѕвездата.

Долгометражниот филм „Мајкл“ наскоро во кината

Покрај документарецот, во подготовка е и играниот филм „Мајкл“, кој го следи животот на Мајкл Џексон. Трејлерот за филмот веќе сруши рекорди, собрајќи 116,2 милиони прегледи во првите 24 часа. Филмот е режиран од Антоан Фукуа, а во главната улога е внукот на Џексон, Џафар Џексон. Премиерата во кината е закажана за 24 април 2026 година.
The post „Ако ми кажат дека не можам да ги гледам повеќе децата – ќе се самоубијам“: Протече шокантна аудио снимка од Мајкл Џексон (фото) appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: