Ако на ДУИ им е важно Албанец да биде претседател, нека не се кандидира Ахмети туку нека го поддржат Таравари


Арбен Таравари е еден од подобрите кандидати во претседателска трка и можно е да оди во втор круг на изборите. Го кандидиравме поради квалитетот што ги поседува како личност, добро познат доктор е и им служел на сите граѓани и поддршка ќе има од различни етникуми, изјави лидерот на Алтернатива Африм Гаши, соопштувајќи дека останатите политички субјекти во Европскиот сојуз за промени го убедиле да прифати да се кандидира заради интересот на албанската опозиција и на граѓаните.

Во однос на најавата дека и Али Ахмети ќе се кандидира за претседател на државата, Гаши во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал5 рече „ако на ДУИ им е толку важно Албанец да биде премиер или претседател, зошто не ги убеди своите гласачи да го поддржат Таравари зад кого стојат четири партии и многу граѓани?“.

-Сега е моментот за ДУИ да одлучи дали е за Албанец. Ако имаат свој кандидат, тогаш сѐ паѓа во вода – не им било важно да е Албанец, туку да е ДУИ. Тоа е битно граѓаните да го видат и да се демаскира ДУИ. Ако не си ДУИ, за нив не си Албанец. Време е овој начин на политикантство да оди во историја, рече Гаши, според кого и крајно време е натпреварувањето да биде врз основа на квалитети, а не на етничка основа.

Смета дека и многу Македонци ќе гласаат за Таравари затоа што, рече, „на сите ни е јасно дека ДУИ не е проблем за Албанците и за опозицијата, не е само политички проблем“.

– ДУИ метастазираше длабоко во системот, судството, бизнисот, во казината. Ако во 2016 беше важно да се победи Груевски, сега тоа е ДУИ. Ова е моментумот за нова историја и нова перспектива за нашите граѓани, истакна Гаши.

На прашањето дали се кае што ја „спасил владата на СДСМ и ДУИ“ во 2021, одговори „за жал, кај нас работите се гледаат низ призма на партиски интерес“.

-Отворивме шанса за нашата држава да отвори преговори за ЕУ, таков беше политичкиот моментум. Ако немаше Влада тогаш, ќе немаше преговори за кои многу чекавме. Со влезот во Влада најмногу и наштетив на мојата партија. Тоа го направивме заради интересот на државата и на сите граѓани, рече лидерот на Алтернатива.

Во однос на Парламентарни избори смета дека како опозициски блок сега се најобединети, како што рече, добро синхронизирани и ги надминале суетите. Коалицираат не само до 8 мај туку за да спроведат долгорочни политики и затоа интензивно работат на програмите.

Со лидерите на останатите три партии во блокот – Беса на Билал Касами, Демократско движење на Изет Меџити и Алијанса за Албанците на Арбен Тараври засега не разговарале за претопување во една партија ниту за листи и распределба на места. Важен им е, рече, принципот на рамноправност и така ќе ги подготват и листите, но поучени од минатото ќе бидат внимателни кого ќе кандидираат за пратеници.

На прашањето за коалицирање по изборите со партии од македонскиот политички блок, рече дека им е важно тие да ја прифатат нивната програма во која ЕУ-интреграцијата и новиот концепт на образование се приоритети.

-Ќе разговараме со тие партии што ќе бидат доследни и ќе прифатат да се имплементира нашата програма. Ако не се договориме со политичките партии кои ќе имаат политички мандат, нема што да бараме во таа влада само за власт, рече лидерот на Алтернатива.

Како би се договориле со ВМРО-ДПМНЕ знаејќи го нивниот став за неприфаќање уставни измени, Гаши одговори дека има разбирање за партиите кои се за европска интеграција, а имаат проблем со задирањето во идентитетот.

– ВМРО-ДПМНЕ се изјаснува за европска интеграција, но ако нивниот проблем е задирање на идентитет на Македонците, мислам дека се во право и никој не треба да отстапува од својот идентитет. Би бил против ако се загрози идентитетот и на најмалата заедница во државава. Приоритет на идната влада е заедно да работиме за уставни измени, притоа заштитувајќи го идентитетот на сите граѓани. Тоа е позитивно решение за сите страни, рече Гаши.

На прашањето која улогата на Албин Курти и дали неговата партија Самоопределување е петтиот субјект во нивната коалиција, Гаши одговори дека косовскиот премиер за Албанците од нашата земја е алузија за промена на 20-годишното владеење на ДУИ бидејќи во Косово тој го сменил 20-годишното владеење на командантите на ОНА и се бори против криминалот и корупцијата.

-Тоа е добредојдено за нас зашто негови поддржувачи ќе гласаат за нас. За нас е битна поддршката од секој што може да нѐ поддржи. Нема политичко вмешување, има поддршка за нас како опозициска коалиција во смила на политичка промена и доаѓање нова генерација албански политичари кои ќе се борат против криминал и корупција и ќе бидат во служба на граѓаните, истакна Гаши во интервјуто, додавајќи дека говорот на Курти во Тетово бил конструктивен и дека „никој не треба да има дилеми каков е неговиот став кон Македонија“.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: