„Ако не се вакцинираме, ќе ги наполниме гробиштата“ – драматична порака од директорката на хрватската клиника

Директорката на Клиниката за инфективни болести во Загреб, Алемка Маркотиќ предупреди денеска дека вакцинацијата е добра заштита од коронавирусот. Според неа, доколку не бидеме имунизирани, ќе ги наполниме гробиштата.
Вели дека добрата вест е што има сè помалку хоспитализирани луѓе на клиниките.
„Како и да е, во овие 18 месеци искусивме многу што не би сакале да видиме да се случи повторно и ни се чини дека наскоро би можеле да го видиме тоа повторно“, рече Маркотиќ на прес-конференцијата на Штабот за цивилна заштита.
Постојат две причини за тоа: едната е брзото ширење на делта сојот, а другата е дека не само во Хрватска, туку и во Европа, не се вакцинирани доволно граѓани. Како пример ја посочи Велика Британија, каде што најголем број од населението, 48 отсто, биле вакцинирани, но и тоа се покажало како недоволно.
„Добро е што оваа година имаме вакцина, се покажа дека штити од коронавирусот и е многу ефикасна“, рече Маркотиќ и додаде:
„Имаме решение, имаме избор, гледаме што се случува во некои туристички земји, како што се Португалија и Кипар. Би било добро да не се повтори лекцијата од минатата година, која е важна за туризмот, почетокот на учебната година, животот во домовите за стари лица. Ако нема да се вакцинираме, ќе ги наполниме гробиштата“, нагласи Маркотиќ.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.