Иако можеби не ја сметаме храната за главен фактор на ризик за рак, истражувањата покажуваат дека изборот на исхрана може да игра важна улога во долгорочното здравје. Исхраната богата со преработена храна, црвено месо, рафинирани житарки и шеќерни пијалоци е поврзана со зголемен ризик од одредени видови рак.
Во исто време, ваквите диети често се сиромашни со овошје, зеленчук и интегрални житарки, кои содржат влакна и хранливи материи поврзани со намалување на ризикот. Затоа експертите сè повеќе предупредуваат за секојдневните навики во исхраната.
„Западниот начин на исхрана незабележливо го зголемува ризикот од рак на дебелото црево, дојката, простатата и панкреасот за 10 до 30 проценти“, вели за EatingWell диететичарот Кари Хамрик, д-р.
Иако ризикот зависи од повеќе фактори, малите промени во исхраната можат да имаат значително влијание.
Советниците за исхрана истакнуваат дека не станува збор за целосно откажување, туку за попаметни избори и рамнотежа. Според нив, ова се видовите храна кои најчесто се поврзуваат со зголемен ризик од рак.
Преработено месо
Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC) ги класифицира преработените меса како што се сланината, колбасите и хот-договите како канцерогени од група 1.
,,Нитритите, без разлика дали се синтетички или природни како оние од целер во прав, можат да создадат соединенија во цревата што ги оштетуваат клетките“, објаснува онколошкиот диететичар д-р Кристл Зунига.
Д-р Хамрик додава: „Само две парчиња сланина или еден хот-дог дневно го зголемуваат ризикот од рак на дебелото црево за речиси 20 проценти.“ Сепак, диететичарите советуваат замени како што се пилешко, риба или протеини од растителна основа и истакнуваат дека додавањето влакна може да помогне во намалувањето на ризикот.
Засладени пијалоци
Самите шеќерни пијалоци не се канцерогени, но нивното редовно консумирање може индиректно да го зголеми ризикот, преку зголемување на телесната тежина и метаболички промени.
„Пијалоците со висока содржина на шеќер можат да предизвикаат скок на инсулинот и хормонот IGF-1, кој го поттикнува растот и делбата на клетките, како и воспаление“, вели д-р Хамрик.
д-р Зунига нагласува: „Шеќерот не предизвикува директно рак и не ги „храни“ исклучиво клетките на ракот.“ Истражувањето, вклучително и едно големо од 2023 година , не наоѓа докази дека вештачките засладувачи го зголемуваат ризикот од рак, а ФДА вели дека аспартамот е безбеден во одобрени количини, но препорачува ограничување на внесот на додаден шеќер.
Црвено месо
Црвеното месо како говедско, свинско и јагнешко месо е класифицирано од страна на IARC како канцерогени од Група 2А, што значи дека веројатно се канцерогени за луѓето.
„Подготовката на месо на високи температури може да создаде соединенија кои ја оштетуваат ДНК-та и го зголемуваат ризикот од рак“, објаснува д-р Зунига, осврнувајќи се на соединенијата HAA и PAH.
Д-р Хамрик советува: „Ограничете го црвеното месо на два до три пати неделно и маринирајте го месото за да го намалите формирањето на штетни соединенија.“ Истражувањата покажуваат дека маринирањето може да го намали формирањето на овие соединенија до 90 проценти, а диететичарите препорачуваат почесто да се избира риба, пилешко месо и протеини од растителна основа.
The post Ако сакате да го намалите ризикот од рак, ограничете ги овие три намирници appeared first on Во Центар.



