Претходната недела една вест ги израдува многу фановите на македонската музичка легенда Тоше Проески.
Манастирот „Свето Преображение“ кај Крушево, кој беше омиленото место на Тоше каде што тој го пронаоѓаше својот духовен мир, беше осветен, а како што истакнаа и претставниците од црквата, токму непреболениот македонски пејач беше еден од најзаслужните што овој манастир денес блеска во сиот свој сјај.
„Најзаслужно име за подигањето на целиот манастирски комплекс е името на покојниот Тоше Проески“, велат од Крушевско-демирхисарската митрополија во соопштението на Фејсбук по повод осветувањето на манастирот кое со Божја помош и благодат се случи на 24 септември оваа година, во присуство на голем број верници и од страна на Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Тоше беше посебно поврзан со овој манастир кој е изграден на темелите на стара црква што ги пронашле татко му со другарите.
Како што самиот раскажуваше додека беше жив, еден пријател на татко му, го сонувал местото каде што некогаш имало црква.
И кога татко му заедно со и другарите отишле на посоченото место од сонот, по кратко копање навистина ги пронашле темелите кои биле длабоко закопани.
„Признавам и чувствувам дека мојот живот, а и на целото семејство, се промени откако почна да се прави манастирот. И никогаш нема да заборавам ниту на Македонија, ниту на Крушево, ниту на манастирот, зашто целата моја слава, здравје и среќни ситуации кои ми се случуваат секојдневно му ги должам токму на тој празник – Св. Преображение“, изјави Тоше во една пригода.
Тоше беше човек со ангелско лице
Но Тоше не само што беше голем верник, тој важеше и за многу хуман човек, а за неговата големина најдобро зборуваат неговите дела.
Имено, на Фејсбук страницата Тоше Проески се уште стои објавена приказната на еден Албанец од Чаир, Аритон Рана, која зборува за тоа каков беше Тоше и која никого нема да остави рамнодушен.
Истата ви ја пренесуваме во целост, како што е објавена на Фејсбук каде што се уште стои, во која што овој човек објаснува за неговото искуство со Тоше и зошто тој според него навистина бил човек со ангелско лице и големо срце од кое зрачеше само добрина и ведрина.
Припаѓам на една генерација која претрпела балканска војна, конфликти и политички игри. Кога омразата владееше и меѓу луѓето во тоа време беше толку присутна што рефлектираше на секоја сфера од животот а особено тука кај нас во Македонија. Јас бев ангажиран и посветен на хуманитарните активности, па и во овие активности имаше предрасуди на националона база за тоа на кого да му се помогне на кого не, што е жалосно, но тоа не оформи и нас и ние така да размислуваме.
Со оглед на тоа дека бев ангажиран во Чаир, и беше потребна помош за деца кои во најголем процент беа од албанска националност, помеѓу останатите босанци и турци, ние баравме помош од владини сектори и политичари, бизнисмени и уметници во Македонија, претежно со албанска националност бидејќи не очекувавме помош од друга страна. Реалноста беше таа, обострано.
Другата реалност е дека Тоше јас го познавав само како врвен пеач, уметник и еден млад човек кој ги рушеше рекордите на слушаност и знаевме за неговите хумани дејствија па рековме да пробаме, што имаме да изгубиме? И кога од сите потенцијални донатори што очекувавме да добиеме помош а наместо добивме само културно игнорирање или незаинтересираност, Тоше одговори веднаш на нашиот повик и во рамките на црвениот крст во Чаир јас ја имав таа среќа да го запознаам него и да го видам одблизу човекот кој ги урна сите рекорди на балканот а жените кубеа коси по него.
Тоше веднаш дојде во просториите на црвениот крст во Чаир и во текот на средбата додека тој разговараше со другите претпоставени, јас бев застанат на страна и само ги слушав.
Навистина се изненадив кога Тоше ми пријде и ме поздрави мене а јас му се претставив со име и презиме па тој веднаш ми рече: „јас знам неколку зборови на албански, faliminderit, ditën e mirë, јu dua„. Ме потсети дека светот се состои од добри и лоши луѓе.
Нашата задача е добрите да ги гушнеме а лошите да ги претвориме во добри без разлика на етничката, верската и расата на која тие припаѓаат. Така започна една активност за згрижување на деца без родители преку црвениот крст која без Тоше немаше да се оствари.
Искрено немавме никакви примања три-четири месеци се додека Тоше не се појави. На крајот од средбата, Тоше ме замоли да му дадам мои лични податоци, каде живеам и за кои активности во хуманитарниот сектор сум ангажиран приватно.
По отприлика 15 дена, Тоше ме контактираше мене лично за да го оствари договореното со претпоставените и донираше средства од 8000 евра на црвениот крст од Чаир. Посебно бев изненаден кога ја изрази неговата желба, сите средства што ги донираше да бидат наменети за децата без родители од албанска националност.
Сето тоа се заврши успешно. Во текот на активностите еднаш неочекувано Тоше се појави во црвениот крст и ми рече дека бил во близина па сакал на кратко да ги види децата, дојде секако и се изгушка со сите деца кои беа од различна националност Албанци, Турци и Босанци. Секое дете од нив го поздрави Тоше на својот мајчин јазик а тој само ги гушкаше и им велеше „ВЕ САКАМ СИТЕ„. После сето ова сфатив дека Тоше навистина беше човек со ангелско лице и имаше големо срце од кое зрачеше само добрина и ведрина.