Американската амбасада во Македонија ги потсетува македонските граѓани кои имаат американска виза правилно да ја користат. Доколку останат во САД подолго од траењето на визата – можат да добијат и трајна забрана.
„Ако престојувате подолго отколку што е пропишано на вашата американска виза, може да се соочите со трајна забрана за патување во Соединетите Држави. Конзуларните службеници имаат целосен пристап до вашата историја на имиграција и ќе знаат за прекршувањата од минатото. Не постои такво нешто како „ненамерна грешка“ – ваша одговорност е правилно да ја користите вашата виза“, стои во пораката на Амбасадата.
Визата за посетител е неиселеничка виза наменета за лица кои сакаат привремено да влезат во Соединетите Американски Држави поради бизнис (B1), вклучувајќи и присуство на професионални средби и конференции; за забава, вклучувајќи одмор или посета на членови на семејството или медицински третман (B2), или комбинација од двете цели (B1/B2) до шест месеци.
