Американскиот советник Саливан во Израел за разговори за прекин на огнот

Советникот за национална безбедност на американскиот претседател Џо Бајден одржува разговори во Израел како дел од новиот обид за обезбедување договор за прекин на огнот во Газа.

Џејк Саливан денеска попладне оствари средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Неговата посета доаѓа додека израелските сили ги продолжуваат воените операции во Газа, вклучително и во најјужниот град Рафах, пренесува „BBC“.

Стотици илјади луѓе се евакуираа од градот по наредба на израелските сили.

Се очекува Саливан да го притисне Израел да избегне целосен напад врз градот Рафах. Соединетите Американски Држави претходно соопштија дека ќе престанат да доставуваат оружје доколку Израел изврши голема копнена офанзива врз градот.

Сепак, израелски официјален претставник изјави за новинската агенција Ројтерс дека Нетанјаху и неговите високи соработници ќе се обидат да постигнат договор со Саливан.

Утрово, болницата Ал-Акса во Газа соопшти дека најмалку 20 лица загинале, а неколку се ранети во ракетен напад врз бегалскиот камп Нусејрат во центарот на Газа.

Израелската армија соопшти дека ги проверува извештаите и додаде дека двајца војници загинале во борбите на југот во саботата.

Претходно овој месец, Хамас го поддржа предлогот изнесен од египетските и катарските посредници. Но, Израел рече дека предлогот договорен од Хамас не е истиот предлог што веќе го прифатил.

Израел, исто така, го отфрли предлогот за „траен“ прекин на огнот и рече дека ослободувањето на тела, наместо заложниците, не е прифатливо.

Пронајдете не на следниве мрежи: