Американски експерти сметаат дека коронавирусот мутирал и станал поопасен

Експертите од Флорида веруваат дека успеале да докажат дека коронавирусот мутирал така што полесно ги заразува човечките клетки, пренесе Си-ен-ен.
Тие велат дека се потребни повеќе истражувања за да се утврди со сигурност дали промената влијаела на текот на пандемијата, но еден научник, кој не бил вклучен во студијата, смета дека тоа е случај и дека тоа може да објасни зошто вирусот предизвикал толкави размери на зараза во САД и во државите на Латинска Америка.
Истражувачи од институтот Скрипс рисерч во Флорида објаснија дека мутацијата влијае на протеинските шила – структура на надворешната страна што вирусот ја користи да влезе во клетките. Доколку се потврдат овие откритија, ќе биде првпат некој да докаже дека забележаните промени во вирусот влијаат на развој на пандемијата.


Вирусите со оваа мутација биле многу позаразни од оние без мутации во системот на клеточни култури – рече вирологот Хајуирун Чо од Институтот Скрипс рисерч.
Чо и нејзините колеги спровеле серија експерименти во лабораторија кои покажуваат дека заради мутацијата Д614Г, вирусот има повеќе шила и дека овие шила се постабилни, што на вирусот му го олеснува влегувањето во клетките. Научниците наскоро ќе ги објават своите наоди на серверот BioRxiv, што значи дека истражувањето сè уште не поминало рецензија од независни експерти.
Ова истражување е значајно затоа што покажува дека вирусот може да се промени; во своја полза и можеби на наша штета. Веќе можеме да видиме дека на некои места послабо се шири, а на други подиве – изјави вирологот Вилијам Хаселтин за Си-ен-ен, претседател на групацијата Аксес хелт интернешнл.
Тоа може да значи дека треба да се подготвиме за постојани промени. Овој вирус ќе реагира на сè што правиме за да го контролираме. Ако направиме лек, тој ќе му се спротивстави. Кога ќе измислиме вакцина, ќе се обиде да го заобиколи. Ако останеме дома, тој ќе осмисли како да опстане на површините што е можно подолго, додаде тој.
Оваа недела, Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека досегашните мутации во новиот вид на коронавирус нема да влијае на ефикасноста на потенцијалните вакцини кои сега се во развој. Минатата недела, експертите на СЗО соопштија дека вирусот не станал позаразен поради мутациите ниту ја зголемил веројатноста за развој на посериозни симптоми на болеста.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.