„Апелираме до ЕВН и до управителите на зградите да не се повтори исклучување на струја во висококатниците, бидејќи постои можност да дојде до несакани последици за луѓето кои би останале заглавени во лифтовите“, рече Ангелов на денешната прес-конференција, откако утринава била исклучена струјата во кулата Б на Џевахир скај сити во Скопје.
Тој посочи дека откако снемало струја во оваа кула, неофицијално бремена жена останала заглавена во лифт, и притоа порача да се изнајде решение за да не се повтори ваква ситуација бидејќи, како што рече, постои можност некој да се повреди.
Денеска околу 9.45 часот снемало струја во кулата Б на Џевахир скај сити, една од високите 40-катници во Скопје. Од страна на неколку граѓани било пријавено до Центарот за управување со кризи, по што од Секторот за операции и координации, конкретно РЦУК Скопје, стапиле во контакт со ЕВН. Најпрвин им било одговорено дека до прекин на електричната енергија дошло поради техничка неисправност на нисконапонската мрежа, но нешто подоцна биле известени дека исклучувањето се случило поради неплатени сметки во кулата Б од Џевахир скај сити, појасни Ангелов.
„Со ЕВН е стапено усно во комуникација. Џевахир скај сити кулите, вклучително и кулата Б, се високи 40 ката. Без да навлегуваме во имотно правните побарувања и обврски меѓу ЕВН и кулата Б од Џевахир скај сити, конкретно управителите кои ја стопанистуваат оваа кула, апелираме до ЕВН и до управителите да не дозволат да се повтори ваква состојба, бидејќи хипотетички во оваа четириесеткатница, во некои од лифтовите, може некој да остане заглавен. Не треба да чекаме некој да настрада, да биде повреден, за навремено да се реагира“, рече Ангелов.
Попладнево одговорија и од ЕВН. ЕВН Хоме, велат, секогаш го користи исклучувањето на корисниците само како крајна мерка.
„Во врска со исклучувањето на заедничката потрошувачка во кулата Б од Џевахир, до сопственикот на броилото навремено било испратено опомена пред исклучување.
Законска обрска на управителите на зградите, а особено на такви висококатници, е да имаат обезбедено агрегат за лифтовите, бидејќи прекини во снабдувањето може да настанат од повеќе причини“, потенцираат од компанијата.
Велат дека жалат за настанатата ситуација, но компанијата е надлежна само во делот на мрежата до броилото.
„ЕВН не е во позиција да се вмеша во внатрешното менаџирање на висококатниците“, се додава во реакцијата.
Пронајдете не на следниве мрежи: