Ангел Димитров: Звучи несериозно кога „политички дебитанти“ од РСМ ќе си замислат дека можат да ѝ наметнуваат правила на ЕУ

Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова не може да нареди промена на Уставот, но како шеф на државата може да ги повика пратениците да го направат тоа, вели копретседавачот од бугарска страна на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, Ангел Димитров. Ова е негов коментар на изјавата на Сиљановска-Давкова дадена во петокот во Софија дека таа не е апсолутен монарх и дека не може да ја супституира парламентарната демократија.

„Г-ѓа Сиљановска по професија е правник. Таа многу добро знае што може да направи шефот на државата. Во нејзиниот случај, се разбира, таа не може да нареди промена на Уставот. Но, како шеф на државата, авторитетен правник и една од најпочитуваните политички фигури во земјата, може да ги повика пратениците да го направат тоа што се очекува од нив – не само од Бугарија, туку и од ЕУ. И тоа е дури и нејзина должност, ако искрено се залага нејзината земја да се приклучи на организацијата кон која тие се стремат“,

изјави Димитров во емисијата „Офанзива со Љубомир Огњанов“ на НОВА вести коментирајќи го прашањето дали претседателката на РСМ треба да ја суспендира демократијата за да се придвижат измените во македонскиот Устав со цел вметнување на Бугарите во него.ѓ

Тој го коментираше и таканаречениот „француски предлог“.

„Ова не е само европски став. Тоа е, во одредена смисла, став и на самата држава Република Северна Македонија, со оглед на тоа што беше усвоен во парламентот. Односно, постои едно политичко однесување на новата влада кое ги доведува во прашање не само билатералните односи и сите договори потпишани меѓу нашите две земји, туку и она што го очекува ЕУ кон која тие се стремат. Навистина звучи крајно несериозно кога политичари со неособено богато политичко искуство – тие се всушност дебитанти како носители на извршната власт во РСМ, зборувам за самиот Христијан Мицкоски и тимот околу него – ќе си замислат дека можат да наметнат свои правила не само за соседите во разговорите, туку и за Европската Унија. Значи, ова е политика осудена на пропаст. Лошата работа е што тие не го сфаќаат тоа. Тие не од сега следат ваква политика, која го игнорира билатералниот дијалог со Бугарија и се обидува на заобиколен начин да ги постигне своите цели замислувајќи си дека некој ќе ѝ ја наметне на Бугарија својата волја“, вели Димитров.

Според неговите зборови, македонскиот премиер Христијан Мицкоски „очигледно ја живее улогата на месија и спасител на нацијата“, сакајќи самата Бугарија да објави дека има македонско малцинство.

„Тоа се зборови и аргументи пред сè за внатрешна употреба, не случајно си дозволува вакви неодговорни етикети, кои ги налепи на претходната комисија, обвинувајќи ги дека се предавници на националните интереси. Тоа е нешто што е совршено неточно – од аспект на работата и однесувањето на нашите колеги од претходната комисија. Овој човек очигледно не сфаќа дека во овој случај кажува работи кои пред сè се неостварливи, неспоиви со политичката и демографската реалност“, додаде тој.

Според Димитров, во Бугарија нема малцински права, туку има лични права, индивидуални права.

„Односно, секој граѓанин може да се изјасни за својата етничка припадност како што сака и никој не го спречува во тоа. А за да има право на малцинство, како групно малцинство, тогаш мора да има историска основа за тоа, а такви основи во Бугарија едноставно нема. И третото, што е доста важно, и мислам дека е најважно во овој случај, дека ова е уште еден обид за целосно негирање на потпишаниот Договор за пријателство и добрососедство. Во една од нејзините клаузули, многу јасно е наведено дека Република Северна Македонија не може и нема да има никакви претензии кон соседната земја“, додаде тој.

Владата на чело со Христијан Мицкоски се залага за уставни измени со одложено дејство, односно да стапат во сила откако земјава ќе стане полноправна членка на Европската Унија и, како што најави и самиот премиер во неколку наврати, ваквиот предлог наскоро ќе биде претставен во Брисел.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, коментирајќи ја последната реакција на бугарското МНР дека на властите во Скопје треба да им биде јасно оти обидите за покренување идеи за повторно преговарање на веќе преземените меѓународни обврски, може да доведат само до дополнително оддалечување од почетокот на преговорите за членство во ЕУ, рече дека нема намера да одговара на луѓе што ловат политички поени, а кои во моментов се политички маргиналци во Бугарија, зашто се претставници на влада која нема легитимитет од никого.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, коментирајќи ја последната реакција на бугарското МНР дека на властите во Скопје треба да им биде јасно оти обидите за покренување идеи за повторно преговарање на веќе преземените меѓународни обврски, може да доведат само до дополнително оддалечување од почетокот на преговорите за членство во ЕУ, рече дека нема намера да одговара на луѓе што ловат политички поени, а кои во моментов се политички маргиналци во Бугарија, зашто се претставници на влада која нема легитимитет од никого.

Пораката дека нема за што да се репреговара со Северна Македонија пред некој ден ја повтори и бугарскиот премиер во техничката влада Димитар Главчев.

„Нема за што да се преговара. Ја имаме позицијата на Бугарија. Тие (од македонската влада н.з.) велат дека нема да преговараат со преодната влада, но јас би рекол дека не сакаат да преговараат со нашата страна бидејќи нема за што да се преговара“, рече Главчев.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, пак, во петокот во Софија се сретна со бугарскиот колега Румен Радев со кого, како што соопшти таа по средбата, се обединиле околу ЕУ-интеграцијата, копенхашките критериуми, регионалниот пристап кон решавање на проблемите.

„Ќе трагаме по компромис и заедничко решение без никој да се чувствува навреден или повреден и без никој да мисли дека бил заборавен“, рече Сиљановска-Давкова.

Радев, како што соопштија од неговиот кабинет по средбата, очекува искажаната желба за дијалог и разбирање од страна на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да стане конзистентна политика на Владата на Република Северна Македонија.

„Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со С Македонија и очекува тој не само да помогне во билатералното културно зближување и економската соработка, туку и преку него да се постигне решение за отворените прашања во нашите односи“, соопштија од кабинетот на Радев.

Пронајдете не на следниве мрежи: