„Англискиот сертификат на Бојан Христовски е истечен, а мојот не е“, се жали одбиена кандидатка за асистентка на Факултетот за безбедност

Нови главоболки за рецензентската комисија на Факултетот за безбедност во Скопје, каде се бира асистент по криминалистички науки. До комисијата пристигнал приговор од кандидатката за асистентка по криминалистички науки Маријана Јаковлеска, дека наводно комисијата неправилно го прифатила ТОЕФЛ сертификатот по англиски јазик за нејзиниот „противкандидат“ Бојан Христовски, кој во меѓувреме стана директор на Агенцијата за национална безбедност, а неа ја одбиле кога аплицирала на конкурсот.

Јаковлеска на наставно научниот совет на факултетот му испратила приговор, дека нејзиниот сертификат по англиски јазик не бил прифатен, а оној на Христовски го прифатиле и покрај тоа што, според неа, тој бил „истечен“, а нејзиниот не бил.

Петтиот кандидат (Бојан Христовски н.з.) има доставено Уверение за познавање на англиски јазик ТОЕФЛ со 75 бода од 26.03.2022 година, Language School Julia Co. LTD, Пловдив Бугарија. Потенцирам дека валидноста на ТОЕФЛ тестовите, односно нивната важност е две години, по што тестот треба да се повтори, што може да се провери на официјалната страна на ТОЕФЛ.

Следствено на тоа, сертификатот за познавање на англиски јазик ТОЕФЛ со 75 бода од 26.03.2022 година, е со важност до 26.03.2024 година, а истиот се смета за важечки на 04.09.2024 кога кандидатот ја поднел документацијата и врз основа на тој сертификат, рецензентската комисија утврдила дека кандидатот ги исполнува условите за избор на асистент во областа криминалистички науки.

Врз основа на тој сертификат комисијата му предлага на наставно-научниот совет овој кандидат да биде избран за асистент на криминалистички науки, пишува Јаковлеска во приговорот објавен во универзитетскиот билтен вчера.

Јаковлеска се жали што со неприфаќањето на нејзиниот сертификат била дисквалификувана на конкурсот за асистент, а причината била само тоа што на сертификатот не било напишано дека тој е согласно Европската јазична рамка на Советот на Европа. Не помогнало ни тоа што училиштето каде Јаковлеска го посетувала курсот по англиски, испратило дополнителна потврда до Факултетот за безбедност дека курсот што го посетувала Јаковлеска е еквивалентен на оваа јазична рамка. Тоа дополнително известување од училиштето за странски јазици, од рецензентската комисија не било земено предвид, се жали таа.

-Мојот сертификат е со неограничена важност. Тој не треба да се поистоветува со уверенијата за познавање на англиски јазик кои се издаваат само со полагање на тест без посетување часови и имаат временски ограничена важност, пишува Јаковлеска во приговорот.

Освен за Христовски, таа се жали и за  англискиот сертификат на уште еден кандидат, кој донел уверение за познавање англиски на кое пишувало дека важи една година – до 17.12.2022.

Комисијата констатирала дека сертификатот е со важност до 17.12.2022 година, но истиот го смета за важечки на ден 05.09.2024 година кога кандидатот ја поднел документацијата и врз основа на тој сертификат заклучува дека кандидатот ги исполнува општите услови за избор. За разлика од мене каде условите се исполнети а рецензентската комисија ме дисквалификува, истата комисија утврдува исполнетост на услови кај двајца кандидати кај кои сертификатите за познавање на англиски јазик се со времена важност и кај двајцата се истечени, при што за едниот рецензентската комисија предлага да биде избран за асистент по криминалистички науки, , пишува во претставката на одбиената кандидатка.

Рецензентската комисија смета дека на Јаковлеска не ѝ било ускратено правото и не била дисквалификувана, затоа што пријавата ѝ била разгледана. Комисијата направила споредба меѓу сертификатите по англиски на кои имало рок на важење, ама известува дека „ги прифатила зашто нови сертификати кандидатите не можеле да добијат за краток временски период колку што трае конкурсот“.

За истечениот сертификат од Филолошкиот факултет што важел само една година до 2022, прифатен бил зашто иако истечен, нивото било многу високо – Ц2.

Комисијата има образложение и за сертификатот по англиски на Бојан Христовски за ТОЕФЛ со 75 бода од 26.03.2022 година од Language School Julia Co. LTD Пловдив, Бугарија.

Комисијата направила пребарување за еквиваленцијата на меѓународно признаените јазични сертификати.

На веб-страната на Британски совет е објавена истата и пишува дека „за нивоата Б1 и Б2 треба поседување на меѓународно признаен сертификат издаден од официјален европски тестатор со најмалку 60 бодови за ТОЕФЛ иБТ“. Според приложеното уверение кандидатот м-р Бојан Христовски за познавање на англиски јазик доставил ТОЕФЛ iBT со 75 бода, што е повисок степен од бараното ниво на Б1. Комисијата направи пребарување за валидација за резултати, и врз основа на табелата може да се констатира дека B2 Upper intermediate за ТОЕФЛ iBT е со скала од 72-94 бода. Според оваа скала е уверението на м-р Бојан Христовски каде се наведени 75 бода и одговара на Б2, ниво што е повисоко од Б1. Затоа му беше прифатен сертификатот, велат оттаму во одговор на приговорот.

Пронајдете не на следниве мрежи: