Апелациониот суд ја уважи жалбата на сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, син на пратеникот од ДУИ Исмаил Јахоски, осомничен за злоупотреби со мазут, и донесе одлука да излезе од притвор во Шутка.
Одлуката била донесена на денеска на нејавна седница и второстепениот суд го преиначил решението на Кривичниот суд и ја прифатил гаранцијата од речиси еден милион евра во недвижен имот и околу 1,17 милиони евра готови пари, која ја даде Јахоски за да излезе од притвор.
-При одлучувањето Судот го имаше предвид претходно прибавениот позитивен предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје и мислењето на Вишото јавно обвинителство Скопје да се уважи жалбата на осомничениот, со прифаќање на понудената гаранција. Делот од гаранцијата понуден и прифатен во готови пари од 72.000.000,00 денари претставува паричен износ еднаков на претпоставената штета за која осомничениот се сомничи дека ја сторил во конкретниот кривично правен настан -соопшти Апелација.
На Јахоски му се определени мерки на претпазливост, обврска да се јавува повремено на определено службено лице во Основен кривичен суд Скопје и привремено одземање на постојната патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа.