Арсовска: Вработен во Ѓорче Петров имал дива депонија, клиент била општината ЃОРЧЕ ПЕТРОВ!

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска објави дека службите на Градот детектирале еколошка катастрофа на парцела од 4.000 метри квадратни приватен имот и 5.000 метри квадратни имот на Македонија, во близина на реката Лепенец, на само неколку стотина метри од новата прочестителна станица која ја гради Ѓорче Петров, а е финансирана од ЕУ.

Приватната дива депонија се наоѓа на парцела која е во сопственост на компанија која е под истраги за други дела, како и на лице вработено во општина Ѓорче Петров во секторот финансии, а од неодамна е избран и за член на раководството на синдикат на вработените во општината, рече Арсовска.

Како што објави одговорните биле фатени на лице место додека вршеле екоцид, спречени се во вршење нелегални активности, прибрани се докази, а состојбата е фотографирана. Дополнително случајот е пријавен во МВР, а на лице место излегла и полицијата.

„Нема да дозволиме никој свесно и за профит да ги труе Скопјани. Констатирано е дека приватната дива депонија се користела како бизнис од наведените лица, кои не само што предизвикале екокатастрофа со истурање отпад во заштитната зона на реката Лепенец, туку и се осомничени за финансиски криминал. Прашањето е дали најголем клиент на овие лица кои вршеле екоцид е општината Ѓорче Петров. Во документацијата во која се водела илегална евиденција, може јасно да се констатира дека покрај градежните фирми и приватни лица од кои се наплаќало од 1.000 до 1.200 денари, најчест клиент кој депонирал опасен отпад е општината. На оваа локација, од истата илегална евиденција може да се види дека меѓу 50 и 100 тешки товарни возила на ден истурале токсичен и канцероген отпад“, рече Арсовска, додавајќи дека ова се случувало во изминатите две години.

Општината, како штo додаде градоначалничката, немала склучено договор со ЈП Дрисла, за одлагање на комунален и општински отпад.

Случајот Арсовска го оцени како скандалозен и криминален. Им се заблагодари на екипите на МВР за брзата реакција, но и интересот, како што рече, да се стави крај на ваквиот тип на криминал. Арсовска апелираше што побрзао да се процесуира случајот, а најави и посебна кривична пријава за градоначалникот на општината Ѓорче Петров. Го повика си поднесе морална одговорност и оставка од функцијата градоначалник.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.