„Кај нас, како членови на претседателството на ДУИ доаѓаат идеи од страна на интелектуалци и луѓе кои придонеле многу за државата. Не само Албанци, туку и од другите етнички заедници. Веќе имаме разговарано за одредени опции. Има многу опоции, но до крајот на неделата ќе има конкретни чекори што ќе бидат преземени и ќе ги обелодени претседателот на партијата Али Ахмети“, вели министерот за економија и член на ДУИ
Демократската унија за интеграција (ДУИ) ќе преземе демократски механизми, со цел да го одбрани легитимитетот на Албанците, рече вечерва во гостување во вестите на ТВ Сител, Крешник Бектеши, министерот за економија и член на ДУИ.
Според него, тие механизми се темелат на фактот што ДУИ како предводник на „Европскиот фронт“ добил поголема доверба од страна на Албанците во земјава, како што рече, со над 30 илјади гласови разлика и со шест мандати повеќе од коалицијата „Вреди“.
„Бараме да се почитува духот на Охридскиот рамковен договор и од страна на мандатарот, во случајот тоа веројатно ќе биде Христијан Мицкоски. ДУИ секогаш се покажала како државотворна партија и ќе ги користи сите демократски механизми. Не зборувам механизми дека сакаме да го уплашиме народот. ДУИ и нејзниот лидер се идеолозите на Охридскиот рамковен договор. Таму се дава духот и насоката како треба да се движи државата со цел да се креира и меѓуетничка хармонија и внатрешна во општеството, за да имаме стабилна држава“,
рече тој.
Не верува, како што посочи, дека некој кажал дека нема да има стабилност во државата, ако ДУИ не е дел од владата, односно додаде дека ДУИ не бара по секоја цена да биде во влада.
„ДУИ бара почитување на лигитимитетот и на мнозинството на Албанците и на другите етнички заедници кои живеат во државата“,
вели Бектеши.
Ахмети, како што рече Бектеши, никогаш не изгубил избори, туку секогаш ја добил довербата на граѓаните од албанскиот блок.
„Не може да одредите кој ќе биде албанскиот партнер кога уште во Македонија се гласа по етничка определба“,
рече тој.
Бектеши најави дека лидерот на партијата Али Ахмети до крајот на неделата ќе ги објави конкретните чекори што ќе бидат преземени за спречување на мајоризацијата.
„Кај нас, како членови на претседателството на ДУИ доаѓаат идеи од страна на интелектуалци и луѓе кои придонеле многу за државата. Не само Албанци, туку и од другите етнички заедници. Веќе имаме разговарано за одредени опции. Има многу опоции, но до крајот на неделата ќе има конкретни чекори што ќе бидат преземени и ќе ги обелодени претседателот на партијата Али Ахмети“,
вели Бектеши.
Во однос на реорганизацијата на државните институции што ја најавува ВМРО-ДПМНЕ, Бектеши очекува предлозите за реорганизација пред да влезат во собраниска процедура да бидат првично објавени пред јавноста.
Меѓународната заедница, како што рече тој, не треба да ја бараме за да посредуваат меѓу нас тука после се што сме поминале низ годините.
„Ние сме созреале како држава до тоа ниво, каде ние треба да седнеме да разговараме и да се разбераме меѓу себе и да мислиме како државата да оди напред“,
вели тој.
Според него, доколку се случи ДУИ да биде опозиција, ќе биде конструктивна со конкретни предлози, во рамките на демократијата.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска преку соопштение реагираше на вчерашната партиска изјава на ВМРО-ДПМНЕ во која рекоа дека лидерот на интегративците Али Ахмети треба да престане да се однесува како палаво дете кое плаче по играчката која не е негова.
Денешната реакција на ДУИ е откако вчера од ВМРО-ДПМНЕ одговорија на прес-конференцијата на Али Ахмети, која ја одржа во партиското седиште во Мала Речица, и од каде порача дека ВМРО-ДПМНЕ во изминатите осум години целата своја кампања ја темелела против Албанците и ДУИ во форма на софистицирана војна, употребувајќи нацистички наратив.
По ова стигна одговор од ВМРО-ДПМНЕ во кој порачаа дека нема ниту мајоризација, ниту шовинизам, ниту е важно што Ахмети имал чувство на навреденост. Важно е, додадоа оттаму, што волјата на мнозинството е ДУИ да оди во опозиција и да се соочи со одговорност.