Во „Европскиот фронт“, коалицијата предводена од ДУИ изминатите денови веќе пристапија и ДПА на Мендух Тачи, Европската демократска партија на Аријанит Хоџа, Демократската партија на Турција, Народното движење на Скендер Реџепи Зејд и Унијата на Ромите
Лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети и Зијадин Села од Алијанса за Албанците вечерва во Гостивар го официјализираа заедничкиот настап на парламентарните избори.
На голема бина, поставена на партерот од салата „Младост“ во Гостивар, Ахмети и Села ги ставија потписите на коалицискиот договор.
Потоа следуваше музички дел кој беше заокружен со песната „Ние сме шампиони“ и со која беа најавени обраќањата на лидерите Зијадин Села и на Али Ахмети. Но, пред нив на поддржувачите во преполната спортска сала им се обрати претседателскиот кандидат од ДУИ, Бујар Османи.
На крајот од настанот пред присутните во салата се појавија и лидерите на другите коалициони партнери од „Европскиот фронт“.
Одлуката, крилото на Алијанса за Албанците (АА) предводено од Зијадин Села на претстојните избори да се приклучи на „Европскиот фронт“ предводен од Демократската унија за интеграција (ДУИ) беше донесена во четвртокот на седница на Централното собрание на партијата.
Зијадин Села ќе биде носител на пратеничката листа во петтата изборна единица како дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ.
Информацијата дека Села ќе биде носител на пратеничката листа на коалицијата „Европски фронт“ во изборната единица 5, неофицијално вчера за „360 степени“ ја потврдија од Алијанса за Албанците.
Во „Европскиот фронт“, коалицијата предводена од ДУИ изминатите денови веќе пристапија и ДПА на Мендух Тачи, Европската демократска партија на Аријанит Хоџа, Демократската партија на Турција, Народното движење на Скендер Реџепи Зејд и Унијата на Ромите.
Лидерот на ДУИ, кога го доби првиот потпис за „Европскиот фронт“, рече дека С Македонија нема друга алтернатива освен членството во Европската Унија затоа што не само земјава, туку и регионот има потреба од повеќе мир, поголема стабилност и подобра иднина. Работите што се случуваат околу нас и далеку од нас, а кои не одат во прилог и се во спротивност со ваквата агенда, Ахмети рече дека имаат едно име – Русија.